Македонските компании бараат пат до глобалните пазари преку првиот Global Trade & Growth Forum во Скопје

Во Скопје денеска се одржува првото издание на Global Trade & Growth Forum 2026, настан што има за цел да ги поврзе македонските компании со меѓународните пазари и да им помогне полесно да ги искористат стратешките трговски коридори. Форумот го организира Швајцарско-македонската стопанска комора (SwissCham North Macedonia), во стратешко партнерство со меѓународната транспортна и логистичка компанија Mediterranean Shipping Company (MSC).
Како што соопштија организаторите, настанот се организира со поддршка на Швајцарија, преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), а кон него придонесуваат и програмите IME, SIPPO и SwissEP. Основната цел е македонските компании да станат поконкурентни на меѓународните пазари, подобро да ги искористат стратешките трговски коридори и да изградат посилни глобални партнерства.
Од SwissCham посочуваат дека во услови на зголемена глобална конкуренција и промени во меѓународните синџири на снабдување, пристапот до нови пазари, ефикасната логистика и препознатливоста на производите стануваат сè поважни за растот на македонските компании. Токму затоа форумот ќе поврзе над 200 претставници на домашната и меѓународната деловна заедница, инвеститори, извозници, носители на одлуки, дипломатски претставници и експерти од земјата и поширокиот регион.
Претседателката на SwissCham North Macedonia, Соња Стефановска, изјави дека амбицијата на комората е Global Trade & Growth Forum да прерасне во платформа која ќе отвора конкретни можности за македонските компании, од подобра логистичка поврзаност до пристап до меѓународни пазари и нови деловни партнерства. Таа нагласи дека преку SwissCham сакаат да го приближат швајцарското и меѓународното искуство до потребите на домашниот бизнис-сектор и да придонесат кон зајакнување на конкурентноста на македонската економија.
Од комората нагласуваат дека преку оваа иницијатива SwissCham ја зајакнува својата улога како платформа за поврзување на македонската економија со меѓународните пазари, деловните мрежи и швајцарското искуство, со цел создавање нови можности за трговија, инвестиции и долгорочни партнерства.
Форумот се одржува во момент кога македонските извозници се соочуваат со променети услови во меѓународната трговија, а организаторите сметаат дека токму ваквите собири можат да помогнат во поврзувањето на домашниот бизнис со меѓународните логистички и трговски текови. Настанот е замислен како почеток на иницијатива што треба да се развива и во наредните години.