Македонските кикбоксери со три обезбедени медали на Светското првенство во Италија

Македонската кикбокс репрезентација продолжува со одлични настапи на Светското првенство што се одржува во Лидо ди Јесоло, Италија, каде што натпреварувачкиот ден донесе нови победи и обезбедени медали за македонските натпреварувачи, но и незадоволство во македонскиот табор поради судиска одлука што, според нив, отишла на штета на македонската натпреварувачка.
Петар Лозановски со својата победа обезбеди најмалку бронзен медал, а истото достигнување го оствари и Глигор Николов. Уште еден медал за македонската репрезентација обезбеди Калин Бабоски. Победнички настап имаше и Драгица Глигорова, со што македонскиот тим го заокружи успешниот ден на првенството.
Светската шампионка Марија Димовска, по паузата поради оперативен зафат, се врати на натпреварувањата, но денеска го заврши настапот во квалификациите. Според Дејан Митровски – Урко, претседател на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, Димовска во борбата добила и минус-поен.
Без победа останаа Сергеј Ушлинковски и Марко Баснарков. Борбата на Баснарков била прекината откако тој се повредил во пределот на коленото. Според Митровски, противникот при падот паднал врз македонскиот натпреварувач, по што Баснарков не можел да продолжи и бил испратен на дополнителни снимања.
Најмногу реакции од македонскиот тим предизвикала борбата на Антонија Тасева против претставничката на Канада. Митровски тврди дека канадската натпреварувачка немала соодветна опрема со потребната ознака. Според него, правилата предвидуваат рок од две минути за комплетирање на опремата, по што требало да следува дисквалификација. Тој вели дека наместо тоа поминале четири минути, а канадската натпреварувачка сепак добила дозвола да продолжи.
„Протестиравме и приговаравме до повисоките органи на организацијата, но безуспешно, иако ни признаа дека станува збор за судиска грешка“, изјави Митровски.
Тој потсети дека македонски натпреварувачи на претходни првенства во два случаи биле дисквалификувани поради проблеми со опремата и пречекорување на дозволеното време. „Нашата борба не е само во рингот. Се бориме и со финансиите за да стигнеме до првенствата, со односот на институциите, а понекогаш и со судиските одлуки на самите натпреварувања“, порача претседателот на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија.
И покрај судиските спорови и повредата на Баснарков, македонскиот табор од Лидо ди Јесоло ќе се врати со три обезбедени медали, што претставува значителен успех за македонскиот кикбокс на светската сцена.