Македонскиот систем Динг меѓу најдобрите зелени бизнис идеи на Балканот

Македонската идеја Динг (ding.mk) е една од трите регионални победници на 15-тото јубилејно издание на натпреварот „Зелени бизнис идеи од Балканот 2026“ (Balkan Green Ideas), кој од 3 до 5 ноември се одржа во Призрен. Оваа традиционална платформа ги обединува и поддржува иновативните претприемачи од шесте земји од Западен Балкан, ставајќи го фокусот врз заштитата на животната средина, циркуларната економија, обновливите извори и одржливиот развој. Најдобрите зелени идеи беа наградени со грантови во износ од 5.000 и 10.000 долари.
Динг е паметен систем кој со помош на сензори и вештачка интелигенција овозможува постојан мониторинг, рано откривање на потенцијални проблеми и автоматизација на процесите. Системот им помага на компаниите да заштедат енергија, да спречат дефекти на машините и поефикасно да ги дигитализираат своите производствени процеси. Според изјавата на победникот Благојче Количовски, целта е компаниите да ја намалат потрошувачката на енергија, да спречат непотребни загуби и поефикасно да ги користат постојните ресурси и опрема.
Покрај македонскиот тим, меѓу овогодинешните регионални победници се издвоија уште две инспиративни иницијативи од регионот. Од Косово е претставена платформата Teshat.com за циркуларна мода која собира облека, ја поправа, ја преработува и ја враќа во повторна употреба, додека од Босна и Херцеговина доаѓа Laneno, премиум бренд за луксузни постелнини кој спојува врвен комфор и принципи на циркуларна економија преку полнење од рециклиран текстил.
По повод регионалниот успех, Количовски изјави дека тимот е искрено среќен и горд што идејата Динг е препознаена и наградена на Balkan Green Ideas 2026. Тој оцени дека ова признание за нив претставува огромна мотивација и потврда дека технологијата и иновациите можат да имаат позитивно влијание врз животната средина и начинот на кој работат бизнисите.
Од АРНО, Катерина Панова Матоска, по завршувањето на натпреварот изразила задоволство од постигнатиот успех. Македонскиот тим ding.mk со оваа награда донесе ново регионално признание за нашата земја и потврда дека домашните иновативни решенија можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите зелени бизнис идеи од целиот Западен Балкан.