FinPortal.mk

30.10.2026 - Македонски Телеком АД Скопје - Други ценовно чувствителни информации

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 

Македонски Телеком АД Скопје ги објави резултатите за периодот јануари – септември 2026 година, во кои компанијата бележи раст на приходите од продажба, на оперативната добивка и на нето добивката во споредба со истиот период од претходната година.

Приходите од продажба на крајот од првите девет месеци од 2026 година изнесуваат 9.776 милиони денари, што е зголемување од 6,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Во рамки на приходите од основниот бизнис, фиксните услуги бележат раст од 4,9 отсто, мобилниот сегмент раст од 7,2 отсто, додека приходите од системска интеграција бележат благо зголемување од 0,4 отсто.

Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) во првите девет месеци од 2026 година изнесува 4.310 милиони денари, што е зголемување од 4,8 отсто во споредба со истиот период од претходната година, заради зголемените приходи од продажба. EBITDA маргината е релативно стабилна и изнесува 43,7 отсто, наспроти 44,3 отсто на крајот од истиот период од претходната година.

Како резултат на движењата на страната на приходите и трошоците, како и на финансиските приходи и расходи, нето добивката во првите девет месеци од 2026 година бележи раст од 5 отсто.

Главниот извршен директор на Македонски Телеком, Горан Марковиќ, во обраќањето истакна дека и во третото тримесечје фокусот останува на најмодерните технологии и најдоброто корисничко искуство. Тој наведе дека компанијата ја поставила првата 5G+ мрежа во Македонија, со што започнува нова ера во развојот на мобилните услуги, и дека станува збор за најголемата промена во мобилните мрежи во последната деценија.

„И покрај сите глобални економски предизвици продолжуваме со стратегијата за силни инвестиции за да го обезбедиме најдоброто за нашите корисници, посветени да изградиме поврзано дигитално општество за сите“, истакна Марковиќ.

Во образложението за работењето се опфатени и анализа на приходите по сегменти, подетален коментар на остварените оперативни и капитални трошоци, како и осврт на влијанието на конфликтот во Украина и економската криза врз бизнисот и врз финансиските извештаи.