30.10.2026 - Македонијатурист АД Скопје - Други ценовно чувствителни информации
Македонијатурист АД Скопје, во согласност со Глава 6 од Правилата за котација, објави ценовно чувствителна информација за остварените резултати во периодот од 1 јануари до 30 септември 2026 година. Друштвото во извештајниот период оствари позитивен финансиски резултат од 550,985 милиони денари добивка пред оданочување, што претставува зголемување од 152% во однос на истиот период во 2025 година, кога изнесувала 218,653 милиони денари.
Оперативната добивка на Друштвото изнесува 464,340 милиони денари и е значително зголемена во однос на истиот период лани, кога изнесувала 115,494 милиони денари.
Вкупните приходи за извештајниот период изнесуваат 942,144 милиони денари, што е зголемување од 83% во однос на 2025 година, кога изнесувале 515,801 милион денари.
Оперативните приходи се зголемени за 107% и изнесуваат 848.385 илјади денари, споредено со 409.965 илјади денари во 2025 година.
Зголемувањето на приходите од продажба е резултат на зголемениот број на ноќевања, зголемен приход од основната дејност за 28%, како и на зголемени други оперативни приходи во текот на 2026 година.
Финансиските приходи изнесуваат 93.759 илјади денари и се намалени за 11% во однос на минатата година, кога изнесувале 105.836 илјади денари.
Вкупните трошоци и расходи од работењето изнесуваат 391,159 милиони денари и се зголемени за 32% во однос на 2025 година, кога изнесувале 297,148 милиони денари.
Оперативните расходи изнесуваат 384.045 илјади денари, зголемени за 30% во однос на 294.471 илјада денари лани.
Финансиските расходи изнесуваат 7.114 илјади денари и се зголемени за 166% во однос на 2025 година, кога изнесувале 2.677 илјади денари.
Сметководствени политики и дивиденда Друштвото нема промени во своите сметководствени политики и методи на вреднување. Во извештајниот период Друштвото се стекна со објект на долгорочен наем кој ќе го користи за извршување на дејноста. Согласно регулативата поврзана со сметководствените стандарди (Правилник за начинот на водење на сметководство, Службен весник на РСМ бр. 75/24 и 274/24), со посебен акцент на МСФИ 15 и МСФИ 16, Друштвото долгорочниот наем го евидентира во билансот на состојба како останати долгорочни обврски, а истовремено е извршена соодветна евиденција и како средство во активата.
На седницата на Собранието на акционери одржана на 22.05.2026 година не е донесена одлука за исплата на дивиденда. Добивката од 2025 година во целост беше распределена за реинвестирана добивка.
Инвестиции и исполнување на планот Македонијатурист АД Скопје во извештајниот период изврши нови вложувања во инвестициски активности во износ од 1.263.400 илјади денари. Друштвото инвестициските активности и понатаму во континуитет ќе ги насочува кон реновирање и модернизација на постојните хотелски и ресторански капацитети, кон подобрување на условите за работа, почитување на протоколите за заштита на здравјето и задолжително спроведување на нови стандарди за брендираните хотели. Покрај новите вложувања, во извештајниот период Друштвото изврши и продажба на нефункционални објекти кои долги години беа вон употреба.
Друштвото во целост го исполни планот за извештајниот период. Приходите од основната дејност се зголемени за 28% во однос на минатата година и растот е соодветен на изготвениот план, што комбинирано со останатите приходи придонесе за зголемување на оперативната и нето добивката. Вкупниот износ на инвестиции се движеше во рамки на планираното, со фокус на одржување на објектите во добра состојба и создавање предуслови за стабилизација и раст на приходната страна. И покрај предизвиците, Друштвото останува насочено кон подобрување на оперативната ефикасност и остварување на раст на добивката од оперативно работење, а во 2026 година се продолжија веќе започнатите инвестициони активности и се започна со нови вложувања во објектите сопственост на Друштвото.