Македонија продолжува соработката со Банката за развој при Советот на Европа, најавена поддршка за нови проекти

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со Томаш Бочек, заменик-гувернер на Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ), на која беа разгледани реализацијата на тековните проекти и можностите за идната соработка. На средбата беше потврдено дека ЦЕБ останува долгогодишен и значаен партнер на земјава во реализацијата на проекти насочени кон подобрување на образованието, социјалната инфраструктура и поддршката на микро, малите и средните претпријатија.
„Продолжуваме да го зајакнуваме партнерството со ЦЕБ, насочувајќи ја поддршката кон проекти што придонесуваат за подобри јавни услуги, поквалитетно образование и економски развој“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска по средбата. Според неа, фокусот на соработката е насочен кон реализација на проекти што носат конкретни придобивки за граѓаните и придонесуваат за економскиот развој на земјата.
Од Министерството за финансии информираа дека ЦЕБ е присутна во земјава од 1997 година и дека досега има одобрено кредити за 10 проекти во јавниот сектор во вкупен износ од 314 милиони евра. Покрај кредитната поддршка, банката има дадено и значајна поддршка за обезбедување на инвестициски грантови и грантови за техничка помош за подготовка на проектите. Поддршката е насочена кон социјалната инфраструктура и социјалната интеграција, вклучително здравството, образованието, правосудството и социјалното домување, како и кон поддршка на микро, малите и средните претпријатија.
На средбата беше разгледана реализацијата на тековните проекти, меѓу кои дополнителното финансирање со заем и грантови во вкупен износ од 24,1 милион евра за изградба, надзор и опремување на 30 спортски сали во основните училишта, како и за реконструкција на основни и средни училишта. Оваа поддршка е продолжение на успешно реализираниот проект во чии рамки беа изградени и опремени 70 спортски објекти во основните училишта, а беа реконструирани и 90 основни и средни училишта.
Соработката со ЦЕБ опфаќа и кредитна линија од 50 милиони евра за создавање работни места во микро, малите и средните претпријатија, која се реализира преку Развојната банка. Оваа кредитна линија претставува значаен инструмент за поддршка на домашното претприемништво и за поттикнување на вработувањето во малиот бизнис, кој е еден од главните столбови на економијата.
Посебен акцент на средбата беше ставен на проектите што се подготвуваат за наредниот период. Меѓу нив е проектот за довршување на изградбата на објектите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ. Овие проекти се дел од пошироката стратегија за унапредување на високото образование и за создавање современи услови за студирање и научно-истражувачка работа.
Средбата потврди дека соработката меѓу земјава и Банката за развој при Советот на Европа продолжува со ист интензитет, со јасен фокус кон проекти што носат долгорочни придобивки за граѓаните. Преку комбинацијата на кредитни средства, инвестициски грантови и техничка помош, ЦЕБ останува еден од клучните меѓународни партнери во финансирањето на јавната инфраструктура и во поддршката на приватниот сектор во земјава.