FinPortal.mk

Македонија и Бугарија потпишаа здравствен план за соработка до 2028 година

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Македонија и Бугарија потпишаа здравствен план за соработка до 2028 година

Министерот за здравство Сашо Клековски и министерката за здравство на Република Бугарија, Катја Ивкова, денеска во Софија потпишаа План за соработка меѓу двете министерства за периодот 2026–2028 година. Со документот се потврдува определбата на двете земји за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во областа на здравството и медицинските науки, врз основа на еднаквост, реципроцитет и заемен интерес, соопшти Министерството за здравство.

Планот предвидува размена на информации и искуства, размена на специјалисти за обуки и консултации, учество на научни и медицински настани, реализација на заеднички научни и практични проекти, како и соработка при организирање курсеви и семинари. Како приоритетни области на соработка се утврдени примарната и специјализираната медицинска заштита, болничката здравствена заштита, превенцијата и контролата на заразните и незаразните болести, епидемиолошкиот надзор, медицинската статистика, организацијата на здравствен одговор при вонредни состојби и електронското здравство, како и други области од заемен интерес.

Во рамки на посетата на Софија, министерот Клековски го посети и Универзитетскиот акушерско-гинеколошки болнички комплекс „Мајчин дом“, каде се запозна со работата на установата и со современите практики во областа на мајчиното и детското здравје, особено во делот на неонатологијата и грижата за новороденчињата. Во разговорите со медицинските тимови биле разменети искуства и можности за унапредување на соработката, со посебен акцент на неонаталниот скрининг и раното откривање состојби кај новороденчињата.

„Мајчин дом“ располага со најголемата клиника по неонатологија во Бугарија, со оддел за интензивна нега и современа медицинска опрема, додека Националната генетска лабораторија во рамки на установата спроведува скрининг на новороденчиња, вклучително и метаболички и генетски испитувања. Од Министерството за здравство оценуваат дека потпишувањето на Планот за соработка претставува дополнителен чекор во јакнењето на добрососедските односи и институционалната соработка меѓу двете земји, со цел размена на знаења и добри практики и унапредување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за граѓаните.