FinPortal.mk

Македонија гради нови гасни коридори и бара партнерства за стабилна енергетска иднина

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Македонија гради нови гасни коридори и бара партнерства за стабилна енергетска иднина

Енергетската сигурност, диверзификацијата на снабдувањето и модернизацијата на инфраструктурата се меѓу клучните приоритети на Владата, која преку регионална соработка и реализација на стратешки проекти работи на создавање постабилен и пофлексибилен енергетски систем. Ова произлегува од вториот министерски самит на Македонија, Србија, Грција и Бугарија, одржан во Белград, каде што беше потврдена определбата за заеднички пристап кон енергетските предизвици.

Во фокусот на самитот беа гасната инфраструктура, прекуграничната размена на електрична енергија, обновливите извори и складирањето енергија. Како особено значајни се издвојуваат гасните интерконектори со Грција и Србија, како и приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, што според оценките претставуваат важни чекори кон намалување на зависноста од ограничен број правци за снабдување и отворање нови економски можности.

Грчкиот правец ќе овозможи пристап до терминалите за течен природен гас, вклучително и Александруполис, додека поврзувањето со Србија ќе отвори дополнителна можност за транспорт на гас кон пазарите во Централна Европа. Македонскиот дел од интерконекторот со Србија, за кој е потпишан договор вреден 29,4 милиони евра, е планиран во должина од 22,4 километри, со двонасочен проток. Истовремено, започнуваат конкретни градежни активности и на српската делница.

На билатералната средба со бугарската министерка за енергетика, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска разговараше и за конкретни можности за соработка, вклучително и батериските системи, размената на експертиза и обезбедувањето средства за стратешки проекти. Овие проекти, како што беше нагласено, ја надминуваат рамката на обично инфраструктурно поврзување, бидејќи создаваат услови Македонија да ја зајакне својата позиција во регионалната енергетска мрежа, да обезбеди поголема флексибилност во снабдувањето и во иднина да остварува економски придобивки и од транзитот на енергенси.

Приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор дополнително ја поврзува земјата со пошироката мрежа на Југоисточна и Централна Европа. Паралелно, Владата ги отвора и прашањата за модернизација на електроенергетските мрежи, развој на обновливите извори, батериските системи и реверзибилните хидроелектрани. Овие инвестиции се важни за прифаќање на новите производствени капацитети и за подобро балансирање на понудата и побарувачката на електрична енергија.

Регионалната соработка, пак, може да овозможи поефикасен пристап кон енергетските ресурси и заедничко справување со предизвиците што ги носи транзицијата кон почисти извори на енергија. Со потпишаниот договор за интерконекторот со Србија и со започнатите градежни активности на двете страни, проектот влегува во фаза на конкретна реализација, што претставува показател дека определбата за заеднички пристап кон енергетските прашања не останува само на декларативно ниво.