FinPortal.mk

Македонците најмногу муабетат со Чат ГПТ — само 18,1% од пораките се работни

FinPortal.mk  · 
Македонците најмногу муабетат со Чат ГПТ — само 18,1% од пораките се работни

Македонските корисници на Чат ГПТ многу почесто му се обраќаат за совет, практична помош или едноставно за разговор, отколку за извршување работни задачи. Според анализата на Институтот Демократика, речиси четири од секои десет пораки во јуни биле за практични насоки, додека помалку од две од десет биле поврзани со работа. Овие бројки ја ставаат Македонија на двата спротивни краја на европската листа — високо кога станува збор за барање совети, а ниско кога е во прашање работната употреба на алатката.

Со 39,9 отсто практични насоки, Македонија е втора меѓу 36 европски земји, веднаш зад Романија каде тој процент изнесува 40,5 отсто. Зад нас се Албанија со 38 отсто, Црна Гора со 37,5 отсто, Грција со 36,6 отсто, Хрватска со 35,5 отсто, Србија со 34,3 отсто и Босна и Херцеговина со 33,2 отсто. Од другата страна, со само 18,1 отсто работни пораки, Македонија е дури на 34. место од вкупно 36 земји. Тоа значи дека Чат ГПТ кај нас во најголема мера се користи како советник и соговорник, а не како алатка за професионални задачи.

Практичната помош не значи само едноставно прашање. Во оваа категорија влегуваат советите од типот „како да“, подучувањето, креативното осмислување, но и разговорите за здравје, фитнес, убавина и лична грижа. Според анализата, токму овие теми го сочинуваат најголемиот дел од интеракцијата на македонските корисници со Чат ГПТ, што покажува дека алатката се користи пред сè за секојдневни потреби и лични прашања.

Уште поинтересна слика се отвора кога од советите ќе се премине на обичниот разговор. Во јуни 10,6 отсто од сите пораки од Македонија биле самоизразување, што нè става на третото место меѓу 36 европски земји. Во оваа категорија OpenAI ги сместува поздравите и неформалните разговори, односите и личната рефлексија, како и игрите и играњето улоги. Кога од вкупниот број пораки ќе се тргнат работните, македонската склоност кон муабетот излегува уште посилно на површина.

Од пораките што не се поврзани со работа, дури 42,6 отсто се класифицирани како „изразување“. Тоа е највисок удел меѓу 34 европски земји за кои има податоци, додека просекот кај останатите изнесува 32,7 отсто. Истовремено, само 39,2 отсто од овие пораки се класифицирани како „барање“, што е најнизок удел во истата група земји. Според тоа, Чат ГПТ во Македонија не е само машина на која ѝ се задава задача или ѝ се поставува прашање — значителен дел од интеракцијата изгледа многу повеќе како разговор.

Анализата на Институтот Демократика опфаќа податоци за јуни и ги разгледува навиките на корисниците во 36 европски земји. Резултатите покажуваат јасна тенденција: македонските корисници сè помалку го гледаат Чат ГПТ како „колега“ што ќе заврши работна задача, а сè повеќе како соговорник на кого му се обраќаат за совет, практична насока или едноставно за муабет. Ваквата слика ја потврдува позицијата на земјата на самиот врв на Европа по барање совети, но и на самото дно кога станува збор за работна употреба на алатката.