FinPortal.mk

Македонците и фирмите должни речиси 10 милијарди евра, Народната банка воведува рестриктивни мерки од декември

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Македонците и фирмите должни речиси 10 милијарди евра, Народната банка воведува рестриктивни мерки од декември

Вкупниот долг на граѓаните кон банките, заклучно со септември, повторно расте и според податоците на Народната банка, македонските граѓани само по основ на кредити и позајмици должат сума од 4,93 милијарди евра. Оваа сума е приближно на ниво на две третини од целокупниот годишен државен буџет на Република Северна Македонија, што ја отвора темата за сериозноста на презадолженоста пред стартот на новите рестриктивни мерки на Народната банка, кои стапуваат на сила од 1 декември.

Ако долгот од 4,9 милијарди евра се пресмета рамномерно по глава на жител, земајќи го предвид само резидентното население од околу 1,81 милион жители, секој граѓанин во државата, без разлика на возраста, формално „должи“ приближно 2.723 евра само по основ на банкарски кредити и позајмици. Во просек, според податоците на централната банка, долгот изнесува по најмалку 2.700 евра на секој жител.

Кога на долгот на домаќинствата ќе се додаде и долгот на компаниите од 4,90 милијарди евра, заедничкиот долг на македонската економија и граѓаните достигнува вкупно 9,87 милијарди евра. Наспроти тоа, вкупните депозити во банкарскиот систем тежат 11,15 милијарди евра, што покажува дека штедењето во банките сè уште го надминува вкупниот кредитен долг на економијата и населението.

На годишно ниво, вкупниот долг на домаќинствата бележи раст од 12,7 отсто. Според податоците од Народната банка, граѓаните најмногу се задолжуваат за имот, а станбените кредити бележат скок од 16 проценти. Втори на ранг листата се потрошувачките кредити со годишен раст од 12,4 отсто и месечен раст од 1,1 отсто. Трет на листата економски проблеми на граѓаните се негативните салда на тековните сметки, кои се зголемени за 5,8 отсто на месечно ниво, што сведочи за секојдневните празнини во семејните буџети. Наспроти нив, пад е забележан кај автомобилските кредити и кај минусните салда на кредитните картички.

Високата и забрзана задолженост, особено кај станбените кредити, ја принуди Народната банка да преземе превентивни мерки кои почнуваат да важат од 1 декември. Станува збор за строги ограничувања на рокот со кои рокот за стандардни станбени кредити за второ или дополнително живеалиште, максималниот рок на отплата се намалува од 30 на 25 години, додека за хипотекарните кредити се скратува на 15 години. Условите остануваат поволни, до 30 години, само за оние кои првпат купуваат сопствен дом.

Податоците на Народната банка доаѓаат во момент кога задолженоста на домаќинствата расте со двоцифрена стапка на годишно ниво, а најголемиот дел од новите кредити се насочени кон купување или изградба на недвижен имот. Тоа значи дека растот на кредитирањето не е само резултат на секојдневната потрошувачка, туку и на инвестициите во станови и куќи, кои во услови на поскапување на недвижностите стануваат сè поатрактивни за граѓаните. Истовремено, растот на потрошувачките кредити и на негативните салда на тековните сметки укажува дека дел од домаќинствата ги покриваат тековните трошоци со задолжување, што е показател за притисокот врз семејните буџети.

Од Народната банка порачуваат дека новите правила имаат за цел да ја заштитат финансиската стабилност и да го забават пребрзото задолжување, особено кај кредитите за второ или дополнително живеалиште, каде што ризикот од презадолженост е поголем. Со намалувањето на максималните рокови на отплата, кредитокорисниците ќе мораат да ги враќаат кредитите за покус период, што ќе ги зголеми месечните рати, но ќе го намали вкупното оптоварување со камата на долг рок.

Вкупната слика покажува дека македонската економија и граѓаните влегуваат во период на построги кредитни услови со долг од речиси 10 милијарди евра, но и со депозити од над 11 милијарди евра во банкарскиот систем. Колку новите мерки ќе го забават растот на задолженоста и дали ќе влијаат врз пазарот на недвижности, ќе биде јасно во наредните месеци, кога ќе се споредат податоците за кредитирањето пред и по 1 декември.