Мајка на близначки со аутизам секој ден влегува во училница: „Не сум замена за образовен асистент

Мартина Младеновски, мајка на близначки кои годинава за првпат седнаа во училишните клупи во основното училиште „Братство“, секој ден ги придружува своите ќерки на настава бидејќи тие немаат образовен асистент. Таа заради спората реакција на надлежните институции го заменила работното столче со училишна клупа и веќе извесен период не оди на работа, за да може да биде покрај децата за време на часовите.
Близначките имаат аутизам, а според зборовите на нивната мајка, училиштето го прифатиле веднаш и немаат проблем да станат рано, да се подготват и да одат на настава. Клучниот проблем, вели таа, е тоа што во училиштето сè уште нема образовен асистент кој би работел со нив, поради што девојчињата се навикнале на часовите да седат заедно со мајка им.
„Јас сум им мајка и ќе направам сè што треба за нив, меѓутоа јас не сум замена за образовен асистент. Треба да имаат соодветна поддршка и тоа е она што јас го говорам цело време. На овие деца им е многу важно да имаат континуитет, поддршка и едно исто лице кое ќе работи со нив“, изјави Мартина Младеновски.
Таа изразува загриженост дека откако ќе добијат образовен асистент, ќерките можеби нема да го прифатат, бидејќи веќе се навикнале на сегашната рутина во која мајка им е постојано покрај нив во училницата. Според нејзините зборови, за децата со потешкотии во развојот од исклучителна важност е континуитетот и присуството на едно исто лице кое работи со нив.
Случајот на Мартина Младеновски ја отсликува пошироката состојба со која се соочуваат родителите на деца со потешкотии во развојот, кои често се принудени да се откажат од своите кариери за целосно да се посветат на своите деца. Токму поради ваквите ситуации, од Министерството за образование и наука апелираат до семејствата за повеќе време и трпение додека се решава прашањето со образовните асистенти.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска тврди дека нема ниту едно дете да остане без образовен асистент. Таа посочи дека бројот на образовни асистенти постојано се зголемува и дека во моментот се обезбедени 1.348 асистенти за основните училишта и 166 за средните училишта.
„Јас бројот на образовни асистенти постојано го повторувам и 1.348 асистенти за основните училишта и 166 во средните. Има дополнителни барања за образовните асистенти и конкурсот завршува утре“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Од Министерството за образование и наука сметаат дека до крајот на месецот ќе се реши проблемот со недостигот на образовни асистенти. Во тек е нивниот избор, но пред да бидат распределени во училиштата, избраните кандидати ќе мора да поминат и кратка обука.
Додека трае постапката за избор и обука на новите образовни асистенти, родителите како Мартина Младеновски продолжуваат секојдневно да ги придружуваат своите деца во училишните клупи, со надеж дека наскоро ќе добијат соодветна и континуирана поддршка од стручно лице. Нивното искуство укажува на тоа дека навремената и стабилна поддршка е од суштинско значење за успешно вклучување на децата со потешкотии во развојот во редовниот образовен процес.