FinPortal.mk

Лукаревска: Вториот ребаланс покажува дека буџетот се планира врз нереални претпоставки

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Лукаревска: Вториот ребаланс покажува дека буџетот се планира врз нереални претпоставки

Пратеничката од СДСМ и претседателка на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, на денешната комисиска расправа за ребалансот на буџетот оцени дека вториот ребаланс е потврда за погрешното планирање и погрешните економски политики на власта. Според неа, ребалансот не носи фискална консолидација, туку го задржува зголемениот дефицит, јавниот долг останува на високо ниво, а за граѓаните нема мерки.

Лукаревска потсети дека пред неколку месеци, токму од истата говорница на Комисијата за првиот ребаланс на буџетот за 2026 година, предочила дека тогашниот ребаланс е одраз на погрешно планирање. Таа рече дека и тогаш и денес логично се поставува истото прашање — кој дел од првичниот буџет беше погрешно планиран: приходите, расходите, дефицитот или сите три заедно.

Според неа, со вториот ребаланс на буџетот за 2026 година се задржува проекцијата за реален економски раст од 3,5 отсто. Таа нагласи дека Светска банка ја коригираше својата прогноза за економскиот раст на Македонија за 2026 година од 3 на 3,2 отсто, но проекцијата на Министерството за финансии и натаму е повисока. Ова е важно, рече таа, имајќи предвид фактот дека се прави втор ребаланс на буџетот, кој повторно и повторно се темели на нереални претпоставки.

Лукаревска укажа дека повторно се планира преку пооптимистички претпоставки што на крајот на годината може да значи повторно нереализирање на она што е првично планирано, како што, како што рече, укажала и при првичното планирање на буџетот, како и при првиот ребаланс, дека премногу се темелиме на оптимизам.

Таа се задржа на четири тези кои, како што рече, ја прават споредбата меѓу кажаното, видливото и реалното, па и нереалното од јулскиот и од овој, октомвриски ребаланс. Првата теза се однесува на зголемениот дефицит што беше оправдуван со инвестиции. Според неа, дополнителните инвестиции се повлечени, а дефицитот останува.

Лукаревска потсети дека на 23 јуни зголемувањето на дефицитот со повисоките капитални расходи се објасни со цитатот дека не зборуваме за дефицит кој финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој. Што покажува октомври, праша таа: во јули дефицитот беше зголемен за околу 7 милијарди денари, а капиталните расходи за 5,7 милијарди денари во однос на почетниот план. Во октомври капиталните расходи се намалуваат на 40,124 милијарди денари — речиси идентично со почетниот буџет од 40,122 милијарди. Дефицитот, сепак, останува 46,264 милијарди денари, односно околу 7 милијарди денари.

Според соопштението од СДСМ, Лукаревска заклучи дека вториот ребаланс не донесе ниту фискална консолидација, ниту мерки за граѓаните, туку само ја потврди оценката дека буџетот се планира врз преоптимистички и нереални претпоставки.