Луис Енрике по победата над Барселона: Фудбалот е суров спорт, повредите се најлошата вест

Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, изрази исклучително задоволство што неговиот тим забележа и трета победа во низа во Лигата на шампионите, но призна дека фактот што таа е остварена токму против неговиот омилен клуб Барселона го направил резервиран во славјето. Шпанскиот стручњак, кој е голем приврзаник на каталонскиот клуб, со огромна почит говореше за ривалот, но не пропушти да нагласи дека европскиот шампион на крајот заслужено стигнал до победата и до нови три бода во најпрестижното европско клупско натпреварување.
Луис Енрике изјави дека видел натпревар каков што очекувал — многу тежок и многу сложен во секој аспект. Тој истакна дека никој не може да сфати на какво ниво игра Барселона сè додека не се соочи против неа, опишувајќи го дуелот како многу израмнет во кој одлучувале детали. Според него, Пари Сен Жермен бил одличен во првото полувреме, добро ја контролирал Барселона и ја освојувал топката на нејзината половина. Во второто полувреме, сепак, имало период од десет до петнаесет минути кога тимот навистина се мачел, но потоа повторно го пронашол ритамот, дал гол со кој поведол и тоа ја смирило ситуацијата.
Тренерот нагласи дека за да се победуваат натпревари и да се освојуваат големи титули против противници од ист ранг, мора да се знае како да се прилагоди на различни ситуации во играта. Тој потсети дека тимот морал да се повлече во длабок блок околу петнаесет минути, но во тој период бил способен и за брзи транзиции. Како пример ја наведе минатата година против Баерн, кога Пари Сен Жермен бил принуден да се брани и немал друг избор, но успеал во тоа и на крајот ја остварил целта. Според Луис Енрике, станува збор за врвни противници кои се способни да ве победат, а Барселона е еден од тие ривали.
Сепак, по победата, Луис Енрике доби и три лоши вести — повредите на Маркињос, Дембеле и Кварацхелија. Тој изјави дека индивидуалниот и колективниот квалитет на Барселона се неверојатни, а тоа го прави настапот на неговиот тим уште поимпресивен. Најголемиот проблем, според него, се повредите со кои морале да се соочат, односно губењето на тројца многу важни играчи. „Тоа е најлошата вест од ова дерби, но таква е реалноста во фудбалот на највисоко ниво. Фудбалот знае да биде доста суров спорт“, изјави Луис Енрике.
И покрај трите победи во низа во Лигата на шампионите, расположението во таборот на Пари Сен Жермен останува воздржано поради повредите на клучните играчи. Тренерот јасно стави до знаење дека успехот против Барселона е значаен, но цената во вид на повредени фудбалери е она што најмногу го загрижува пред продолжувањето на натпреварувањето.