ЛИДЕМ бара итен инспекциски надзор во училиштата по ново сведоштво за врсничко насилство

Автор: Редакција на FinPortal.mk ·

Либерално-демократската младина (ЛИДЕМ) побара итна реакција од надлежните институции по потресното сведоштво на мајка за врсничкото насилство што го преживеало нејзиното дете во училиште. Од организацијата предупредуваат дека насилството меѓу учениците не смее да се третира како детска игра или минлива фаза, а институциите мора да обезбедат конкретна заштита за жртвите. Од ЛИДЕМ потсетуваат дека пред неколку години ја започнале кампањата „Свирни против булинг“, преку која барале превенција, едукација и навремено постапување на институциите. Сепак, според нив, апелите не наишле на соодветен одговор. „Свиревме против булингот, но институциите останаа глуви! Уште колку деца треба да страдаат за некој да реагира?“, прашуваат од ЛИДЕМ. Организацијата посочува дека сведоштвата за физичко и психичко насилство, понижување и малтретирање меѓу учениците повторно го отвораат прашањето за одговорноста на училиштата и надлежните институции. „Нема оправдување за насилството! Нема оправдување за премолчувањето! И нема простор за уште една празна институционална изјава дека ‘се работи на случајот‘“, се наведува во реакцијата. ЛИДЕМ бара надлежните итно да го испитаат пријавениот случај и да обезбедат заштита на детето. Воедно, повикува Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат да извршат контрола на постапувањето по пријавите за врсничко насилство. Меѓу барањата се и воспоставување јасни и доверливи механизми за пријавување насилство во секое училиште, обезбедување психолошка поддршка за жртвите и спроведување системска превенција со учество на родителите, наставниците и учениците. Од организацијата инсистираат институциите јавно да ги соопштат преземените мерки и роковите за нивно спроведување, притоа целосно почитувајќи ја приватноста на детето и семејството. Според ЛИДЕМ, само конкретна и навремена институционална реакција може да ја врати довербата дека училиштето е безбедно место за секое дете.

ЛИДЕМ бара итен инспекциски надзор во училиштата по ново сведоштво за врсничко насилство | FinPortal.mk

Либерално-демократската младина (ЛИДЕМ) побара итна реакција од надлежните институции по потресното сведоштво на мајка за врсничкото насилство што го преживеало