FinPortal.mk

Левица: Земјоделците плаќаат повеќе за производство, а добиваат пониски цени, додека винарниците добиваат државна помош

FinPortal.mk  · 
Левица: Земјоделците плаќаат повеќе за производство, а добиваат пониски цени, додека винарниците добиваат државна помош

Левица остро ја критикуваше владината политика кон македонското земјоделство, оценувајќи дека земјоделецот е оставен сам на пазарот, додека откупувачите и винарниците добиваат конкретна државна заштита. Од партијата велат дека ДПМНЕ може „уште сто пати хистерично“ да го прогласува македонското земјоделство за препородено и успешна приказна, но фактите на терен, секојдневните сведоштва и бројките од државната статистика се брутални.

Според податоците што ги наведува Левица, во првиот квартал од 2026 година вредноста на откупот од индивидуалните земјоделски производители се урнала за над 46,2 отсто, а во вториот квартал е уште 15,1 отсто под ланското ниво. На ова, како што велат од партијата, се надоврзува уште поголем апсурд — во август цените на средствата, услугите и инвестициите што влегуваат во земјоделското производство се за 7 отсто повисоки, додека цените на земјоделскиот аутпут се за над 2 отсто пониски од август 2025 година.

„Значи, земјоделецот плаќа повеќе за да произведе, добива полоша цена за произведеното, а вредноста на регистрираниот откуп токму од индивидуалните производители тоне“, велат од Левица. Тие додаваат дека човекот произведува за да живее од својот труд, но во аграрната математика на ДПМНЕ земјоделецот е замислен како доброволец и саможртвеник кој треба да вложува пари, труд и ризик од чиста добрина, дури и кога работи со загуба.

Од партијата предупредуваат дека со ваква политика наскоро нема да има кого да „поддржуваат“, затоа што земјоделецот е човек што мора да живее од тоа што го произведува. Како што оценуваат, кога земјоделецот е притиснат меѓу растечки трошоци и откупувач што може да му ја спушти цената додека родот му скапува, тогаш државата нема магично копче со кое ќе ја пропише секоја цена.

Но, како што посочуваат од Левица, кога на винарските визби им е потребна ликвидност, државниот инструментариум одеднаш е многу конкретен и експресен. Преку Развојната банка им се предвидува кредитна линија од околу 12,9 милиони евра. А на барање на винарниците, Серафимовски најавил дури и грејс-периодот да се продолжи од 3 на 18 месеци, потоа уште 18 месеци отплата и фиксна камата од 1 отсто.

„Односно, државата смее да интервенира за да ја заштити олигархијата и да помогне во финансиската стабилност на помоќниот, но кога доаѓа ред за земјоделците, одеднаш државата е со врзани раце и ненадлежна, со одврзана уста да повторува за логиката на слободниот пазар“, велат од Левица.

Според партијата, токму така ДПМНЕ го сфаќа овој суштински и стратешки домен — најголемиот ризик да му е оставен на најслабиот во синџирот. Од Левица оценуваат дека земјоделецот однапред го плаќа расадот, горивото, ѓубривото, водата, заштитата и работната рака, додека државата останува ненадлежна кога треба да му помогне нему.