FinPortal.mk

Левица: Владата признава фискален неуспех – ги намали инвестициите за над 94 милиони евра и повторно го прекројува Буџетот

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Левица: Владата признава фискален неуспех – ги намали инвестициите за над 94 милиони евра и повторно го прекројува Буџетот

Партијата Левица денеска ја обвини Владата на премиерот Христијан Мицкоски дека со второто прекројување на Буџетот годинава отворено признава фискален неуспех, бидејќи ги промашила сопствените проекции, драстично ги намалила капиталните инвестиции и ја задолжува државата за да ја покрие разликата меѓу планираното и собраното.

Според соопштението на Левица, Владата по вторпат годинава го прекројува Буџетот, намалувајќи ги приходите и расходите за по околу 5,3 милијарди денари, односно над 86 милиони евра. Иако како главна причина се посочуваат намалените приходи од данокот на додадена вредност и акцизите за горивата, од партијата оценуваат дека слабата реализација на повеќе буџетски ставки укажува на поширок проблем со планирањето и извршувањето на јавните финансии. Повторното менување на проекциите, велат оттаму, е показател за нереално планирање и отсуство на предвидлива фискална политика.

Најголемиот удар, според Левица, го трпат капиталните инвестиции, кои се намалуваат за над 94 милиони евра. Со реализација од само 54 отсто заклучно со 8 ноември, Владата наместо да ги забрза проектите и да ги отстрани причините за нивната слаба реализација, повторно ги намалува сопствените цели. Одложените инвестиции значат одложен развој, помала побарувачка за домашните компании и пропуштени можности за создавање економска вредност, се наведува во соопштението.

Истовремено, буџетскиот дефицит достигнува 4,1 отсто од бруто домашниот производ, односно 46,3 милијарди денари, додека проекцијата за економски раст се намалува од 3,8 на 3,5 отсто. Намалувањето на буџетските приходи и расходи не го решава фискалниот проблем, бидејќи државата продолжува да троши повеќе отколку што прибира, а разликата ја покрива преку задолжување, оценуваат од Левица.

Постојаното прекројување на Буџетот не е одговорно управување со јавните финансии, туку признавање на неуспехот да се реализираат првично планираните цели, сметаат од партијата. Последиците, според нив, ги трпат граѓаните преку одложени инфраструктурни проекти и пропуштени можности за унапредување на јавните услуги.

Јавните пари мора да се претвораат во подобар животен стандард, продуктивност и развој, а не во нереализирани проекции што Владата дополнително ги намалува за да ја прикрие разликата меѓу планираното и постигнатото, соопшти партијата Левица.