FinPortal.mk

Левица: УЈП прво им ја одзеде обврската за пресметка на придонесите на занаетчиите, а сега им праќа опомени и им се заканува со блокада на сметки

FinPortal.mk  · 
Левица: УЈП прво им ја одзеде обврската за пресметка на придонесите на занаетчиите, а сега им праќа опомени и им се заканува со блокада на сметки

Политичката партија Левица излезе со сериозни обвинувања кон Управата за јавни приходи (УЈП), тврдејќи дека институцијата им создала долг на занаетчиите и сега им се заканува со блокада на сметки и одземање на здравственото осигурување, иако за тоа, како што велат, вина носи самата држава. Според сведоштвата што пристигнуваат до партијата, државата прво им ја одзела можноста на занаетчиите самите да си ги пресметуваат придонесите и таа обврска ја префрлила на УЈП, но потоа со месеци не им ги доставувала пресметките, за на крајот да им испрати опомени затоа што не платиле нешто што самата институција не им овозможила уредно да го платат.

Од Левица оценуваат дека иронијата е уште поголема ако се земе предвид дека УЈП законската промена од јули ја рекламираше како наводно олеснување на процедурите за самовработените паушалци. Наместо олеснување, велат од партијата, занаетчиите се соочуваат со хаос поради кој не можат нормално да ги регулираат своите обврски. „Но ова е алармантно! Зад секоја непроцесирана пресметка стои човек кој живее од сопствените раце, плаќа кредит, издржува семејство и мора секој месец да заработи за да преживее“, порачуваат од Левица.

Според сведоштвата што пристигнале до партијата, занаетчиите поради овој хаос не можат нормално да ги регулираат обврските, им виси опасност од камати, присилна наплата и блокада на сметки, се соочуваат со проблеми со здравственото осигурување, а нерегулираниот статус може да им создаде проблем и пред банките. Од Левица посебно ја истакнуваат тежината на ситуацијата за повеќедетните семејства во кои и двајцата родители се занаетчии, наведувајќи дека оваа грешка на системот станува удар врз егзистенцијата на цело семејство.

Од партијата предупредуваат и дека меѓу занаетчиите се создава чувство дека системот фактички ги истиснува од формата во која со години работеле, со избор или да се снаоѓаат, или да затворат, или да отворат ДООЕЛ за воопшто да можат нормално да функционираат. „Тоа допрва мора да го објаснат надлежните! Зашто ако државата прво ти ги врзе рацете, потоа те прогласи за должник, ти ја загрози кредитната способност и пристапот до здравствено осигурување, тешко дека тоа може да се продава како намалување на административниот товар. Тоа е административен лавиринт во кој институцијата го прави пропустот, а сметката ја остава пред вратата на занаетчиите“, велат од Левица.

Од партијата го поврзуваат случајот и со пошироката економска политика на Владата, оценувајќи дека таа не треба да продолжи да продава приказни за поддршка на малите бизниси и поволна деловна клима, додека директорката на УЈП, Елена Петрова, раководи со институција која, според нивните тврдења, на занаетчиите им создава долг поради сопствена грешка. Според Левица, ваквиот тек на настаните покажува дека административниот систем не функционира во полза на граѓаните кои работат, туку дека токму тие најчесто ги плаќаат сметките за пропустите на институциите.

Од партијата бараат надлежните да објаснат како е можно институцијата прво да ја преземе обврската за пресметка на придонесите, потоа да не ја изврши, а на крајот да ги прогласи занаетчиите за должници и да им се заканува со присилна наплата и блокада на сметките. Според нив, ваквата состојба не само што им нанесува директна материјална штета на занаетчиите, туку и ја поткопува довербата во институциите и во најавените реформи за олеснување на работењето на малите бизниси.