Левица: Струјата е евтина само на хартија, тарифниот систем мора да се реформира

Партијата Левица оцени дека цената на електричната енергија во Македонија е ниска само номинално, но дека реалниот товар врз граѓаните е најголем во регионот, поради што бара сеопфатна реформа на тарифниот систем. Според партијата, кога цената на струјата ќе се спореди со куповната моќ на населението, Македонија има највисок трошок меѓу земјите од Западен Балкан, врз основа на податоците на ЕУРОСТАТ за втората половина од 2025 година.
Од Левица објаснуваат дека номиналната цена изразена во евра е приближно на нивото на Србија и Албанија, но дека тоа не ја отсликува вистинската состојба. „Во Македонија, струјата е евтина само ако ја гледате номиналната цена изразена во евра – тогаш е приближно на нивото на Србија и Албанија. Но, многу поважно е прашањето колку таа струја реално тежи на џебот на човекот што ја плаќа“, велат од партијата. Тие потенцираат дека 100 денари не вредат исто за човек со минимална плата и за човек со високи приходи, и дека истиот принцип важи и кога се споредуваат државите.
Партијата објаснува дека ЕУРОСТАТ го користи стандардот на куповна моќ, односно PPS – Purchasing Power Standard, како мерка што овозможува споредба на реалниот ценовен товар меѓу државите, земајќи ги предвид разликите во ценовното ниво и куповната моќ. Според Левица, нешто може на хартија да изгледа евтино, а за работникот, пензионерот и семејството со просечни приходи да биде релативно скапо. „Евтина цена не значи автоматски и евтина струја за народот“, нагласуваат од партијата, додавајќи дека во услови на ниски приходи и растечки трошоци за живот, секое поскапување на основните енергетски потреби директно се одразува врз животниот стандард.
Од Левица укажуваат и на досегашното работење на Регулаторната комисија за енергетика, за која велат дека често менувала правилници и тарифни модели, „сè со цел да ѝ се удоволи на политичко-енергетската олигархија во Македонија“, додека товарот од нефункционалниот енергетски систем се префрла врз граѓаните. Како решение, партијата предлага тарифните блокови да останат, но со проширување на временскиот опсег на евтината тарифа, со цел поевтината електрична енергија реално да биде достапна за поголем број домаќинства.
Левица смета дека единствената можност за структурно намалување на цената на струјата е ЕЛЕМ Продажба да биде законски определен како универзален снабдувач, со двојно помала маржа од сегашната маржа на ЕВН Хоум, која изнесува 9,9 отсто. Наместо систем во кој приватниот посредник ја зголемува својата заработка на товар на граѓаните, електроенергетскиот систем мора да биде ставен во функција на јавниот интерес, велат од партијата. Покрај тоа, Левица бара воведување повеќетарифен систем со зимски и летен режим, што според нив би значело поправедна распределба на трошоците во текот на годината.
Партијата ја заокружува својата позиција со оценката дека постојниот тарифен модел не ги зема предвид реалните можности на домаќинствата и дека е неопходна негова целосна реформа, која ќе го намали притисокот врз домашните буџети и ќе обезбеди поприфатлива струја за најголемиот дел од граѓаните.