FinPortal.mk

Левица спречи укинување на законската рамка за санација на еколошките жешки точки во Македонија

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Левица спречи укинување на законската рамка за санација на еколошките жешки точки во Македонија

На денешната седница на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање беше прифатен амандманот на Левица со кој се брише член 13 од предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина. Со оваа одлука, како што појаснуваат од партијата, се спречува укинувањето на законската рамка за идентификација, управување и санација на контаминираните подрачја, односно еколошките жешки точки во Македонија.

Образложувајќи го амандманот пред членовите на комисијата, пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, предупреди дека државата наместо да ги санира опасните индустриски наследства, предлага укинување на законските механизми со кои треба систематски да се решаваат овие проблеми. Тој нагласи дека во Македонија има повеќе еколошки жешки точки, кои ги опиша како контаминирани подрачја, остатоци од поранешни индустриски капацитети и рудници кои зад себе имаат оставено канцероген отпад штетен по животната средина и по здравјето на луѓето.

Како особено загрижувачки примери Јанчев ги посочи Лојане и Ваксинце, каде што се наоѓаат стотици илјади тони јаловина со арсен и антимон, како и илјадници тони арсенов концентрат. „Во Лојане и Ваксинце има околу 450.000 тони јаловина на арсен и антимон и околу 10.000 тони чист арсенов концентрат. Ова е канцероген отпад кој стои на отворено и е во прашкаста форма. При секој ветер тој се крева во воздух и се разнесува до локалното население, коешто овој канцероген материјал го дише“, нагласи пратеникот на Левица.

Тој предупреди и на опасноста од шестовалентниот хром во близина на поранешниот индустриски комплекс „Југохром“, посочувајќи дека станува збор за канцерогена материја растворлива во вода, која може да навлезе во подземните води. „Во близина на Југохром има илјадници тони на шестовалентен хром. Тоа е исто канцерогена материја која се наоѓа само на неколку километри од изворот Рашче, од којшто пијат околу половина милион жители вода во Скопје, или со други зборови, една третина од Македонија пие вода оттаму“, истакна Јанчев.

Според него, ваквата состојба бара систематска санација, а не укинување на законските механизми. Тој потсети дека уште во 2007 година била изработена студија за еколошките жешки точки, додека законска рамка за нивно управување била воспоставена во 2022 година, по искуството со ад хок решавање на проблемите. Јанчев изрази загриженост што, наместо после дваесет години од изработката на студијата да се пристапи кон конкретни мерки за санација на контаминираните подрачја, се предлага укинување на законската основа која овозможува систематско решавање на овие долгогодишни еколошки проблеми.

Од Левица сметаат дека со прифатениот амандман е зачуван законскиот механизам кој овозможува идентификација, управување и санација на еколошките жешки точки, што е од суштинско значење за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните. Партијата најавува дека ќе продолжи да инсистира на систематско решавање на проблемот со канцерогениот отпад, наместо негово префрлање на терет на идните генерации.