Левица се повлече од работната група за преименување улици во Тетово: „Не сакаме да бидеме декор на коалициската злосторничка дружина

Локалниот огранок на Левица – Тетово соопшти дека ја напушта работната група за преименување и именување на улици во Општина Тетово, а претставникот на партијата во ова тело, Никола Тодороски, се повлече од работната група. Од партијата велат дека одлуката е донесена од „длабоки патриотски причини“ и од почит кон предците кои, како што наведуваат, ги дале своите животи за слободно и македонско Тетово.
„Левица одбива да даде легитимитет на ова историско предавство. Не сакаме да учествуваме во бруталното урнисување и бришење на антифашистичката историја на нашиот град. Одбиваме да бидеме декор на коалициската злосторничка дружина ДПМНЕ – ВРЕДИ, која бескрајно и бескрупулозно, заради пусти фотелји и ситни лични интереси, тргува и ги менува историските факти на Македонците во Тетово“, велат од Левица.
Од партијата потсетуваат дека како партија поднеле официјално барање и остар приговор против предлог-листата, но, како што додаваат, јасно е дека „криминалниот задкулисен пазар е веќе склучен на штета на македонскиот народ“.
Според соопштението, Левица поставила цврсти црвени линии и побарала итно повлекување на неколку скандалозни предлози. Меѓу нив е и предлогот за Фадил Сулејмани, лице на кое, како што се наведува, му се припишуваат јавни изјави дека Македонците се Бугари, а Македонија е вештачка држава. Од партијата бараат работната група под итно да ги истражи изворите на овие, како што ги опишуваат, шовинистички изјави пред неговото име воопшто да се разгледува.
Левица бара и повлекување на предлогот за Џафер Сулејман, за кого велат дека има сериозни приговори за неговата улога за време на фашистичката окупација во Тетово и поврзаност со балистичките структури. Од партијата бараат целосна биографија со проверени историски извори за тој период.
Како трет спорен предлог, од Левица го наведуваат и Шериф Кавази, за кого тврдат дека постојат наводи дека бил министер во квислиншката албанска власт за време на фашистичката окупација. „Бараме итно повлекување додека историските документи целосно не го потврдат овој срам“, соопштија од партијата.
Од Левица бараат преиспитување на сите предложени имиња и велат дека без официјална биографија и јасен општествен придонес за градот, нема место на уличните табли.
Одлуката на тетовскиот огранок на Левица доаѓа во момент кога работната група продолжува со постапката за преименување и именување улици во Општина Тетово, а партијата останува надвор од процесот, со образложение дека не сака да учествува во она што го нарекува бришење на антифашистичката историја на градот.