FinPortal.mk

Левица: СДС предлага државата да ја плаќа платата на работниците, а профитот да остане кај газдите

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Левица: СДС предлага државата да ја плаќа платата на работниците, а профитот да остане кај газдите

Партијата Левица денес го оспори предлогот на СДС за покачување на минималната плата, оценувајќи го како нова „работничка политика“ во која народот со своите даноци би ги субвенционирал газдите, додека тие би го собирале кајмакот од трудот на работниците. Според соопштението на Левица, предлогот предвидува државата да му ја исплаќа платата на работникот на неговиот работодавач, а газдата да го присвојува профитот од неговиот труд.

Од Левица објаснуваат дека разликата меѓу сегашните 450 евра и предложените 600 евра нема да ја покријат газдите од сопствениот профит, туку државата со народни пари. Тие пари, како што наведуваат, се средства на граѓаните собрани од даноците од нивните плати. Според Левица, тие средства со одговорна и народна политика можат да се насочат кон изградба на болници, училишта, патишта, јавен превоз и инфраструктура што му служи на целото општество, наместо дел од нив да завршат кај приватните компании за тие со јавни пари да ја исплаќаат платата на својот работник.

Како најдобар доказ за тоа колку олигарсите од СДС се одлепени од работничката реалност, Левица го наведува фактот што за овој предлог воопшто не било разговарано со синдикатите. Во време кога синдикатите веќе јасно укажуваат дека приказната за 600 евра е застарена, според Левица, СДС продава стара политика во ново кич пакување. Со секојдневното растење на синдикалната кошница, за еден човек да обезбеди колку-толку нормален, иако сè уште крпен живот, синдикатите се изјасниле дека се потребни најмалку 800 евра.

Левица потсетува дека минатата година, според тогашната синдикална кошница, предложила минимална плата од 500 евра во координација со синдикатите, а паралелно со тоа отворила и поширока борба за намалување на експлоатацијата на трудот. Меѓу нивните предлози се шестчасовен работен ден, регулирање на патните трошоци, исплата на платите најдоцна до петти во месецот и флексибилно работно време за родителите на деца до шест години.

Покрај тоа, Левица предлага породилното отсуство да се зголеми од девет на осумнаесет месеци, заштита на работниот однос на бремените работнички и почитување на законското право на седум дена боледување без работниците постојано да бидат изложувани на сомнежи и проверки. Сите овие мерки, како што наведуваат од партијата, се дел од истата борба за подобар положба на работниците.

Во соопштението Левица го критикува и претходното владеење на СДС, наведувајќи дека партијата ги распродала фабриките и претпријатијата на народот, зад себе оставила илјадници стечајци и деца со празни стомаци и со години на власт ја убила секоја надеж кај граѓаните дека утре може да биде подобро. Според Левица, токму партијата што го предизвикала тоа сега се обидува да држи лекции за минималната плата.

Од Левица оценуваат дека СДС повторно ја бара Левица како виновник за сопствената политичка какафонија, во очајнички обид да задржи барем трошка релевантност. Тие сметаат дека предлогот за минимална плата е театар со кој се прикрива суштината — дека товарот од покачувањето на платите повторно би паднал врз граѓаните, а не врз оние што го присвојуваат профитот од трудот.