Левица: Преговорите со ЕУ не смеат да бидат условени од билатерални барања на Софија

Партијата Левица денеска ја отфрли понудата на премиерот Христијан Мицкоски за вклучување на опозицијата во преговорите со Бугарија, оценувајќи ја како политичка манипулација и извртување на самиот поим „национално единство“. Од партијата порачаа дека преговорите со Бугарија не се исто што и преговори со Европската Унија и дека самото прифаќање на билатерални преговори со Софија веќе претставува политички став, а не некаква неутрална и стандардна процедура.
Според Левица, националното единство не се гради со делење места во преговарачки тимови, туку со усогласување на заеднички државни позиции за тоа што, со кого и под кои услови се преговара. Од партијата нагласуваат дека сосема легитимна е позицијата да се поддржува членството на Македонија во Европската Унија, но истовремено да се отфрлаат билатералните преговори со Бугарија како услов за евроинтеграција.
Левица инсистира преговорите да се водат исклучиво на инстанци на Унијата, односно во рамки на официјалните институции и преку механизми на Унијата. Од партијата сметаат дека преговорите со ЕУ треба да бидат суштински преговори, водени во рамките на националните интереси на Македонија, а не процес во кој од државата постојано се бара да ги жртвува сопствените интереси заради безусловно исполнување на барањата од Брисел.
„Токму тоа е и принципиелната позиција на Левица: не сме против преговори со ЕУ, туку против билатералните уцени од Бугарија како предуслов за евроинтеграција. Инсистираме на директни и суштински преговори со институциите на ЕУ, во кои Македонија ќе настапува како рамноправен субјект со сопствени позиции и државни интереси“, се вели во соопштението на партијата.
Од Левица дополнително потенцираа дека е неопходно јасно разграничување меѓу патот кон европското членство и билатералните односи со соседните држави, кои, како што велат, не смеат да бидат наметнати како пред-услов за напредок во интеграцискиот процес. Според нивната оценка, ваквиот пристап е единствениот начин Македонија да ги заштити сопствените национални интереси во преговорите со Брисел.
Реакцијата на Левица доаѓа откако Мицкоски ја изнесе понудата за учество на опозицијата во преговорите со Бугарија, што според партијата претставува обид за политичка манипулација со темата за националното единство. Левица останува на ставот дека единствено директен и рамноправен дијалог со институциите на Европската Унија може да обезбеди вистински напредок за државата.