Левица предупредува: Моделот за „Скопје – европска престолнина на културата“ ризикува да стане партиски режирана претстава

Левица предупредува дека предложениот модел за проектот „Скопје – европска престолнина на културата“ отвора простор за политичко влијание и нетранспарентна распределба на средствата, додека Европската комисија веќе укажува на сериозни недостатоци во транспарентноста на управувањето, стабилноста на финансирањето, навремената реализација и соработката со културните чинители. Според соопштението на Левица, наместо оваа историска можност да биде искористена за суштинска преобразба на културниот живот, постои опасност проектот да се претвори во уште една партиски режирана престстава, во која европски ќе биде само насловот, а домашните практики на политичко влијание и затворено одлучување ќе останат недопрени.
Од Левица оценуваат дека апсурдот добива уште посериозни размери со предложената законска рамка, со која за проект вреден околу 21 милион евра се предвидува Фондацијата да ги спроведува набавките надвор од општиот режим на Законот за јавни набавки. Со други зборови, за проект што треба да претставува европски културен дострел се предлага исклучок од механизмите што обезбедуваат јавна контрола и конкурентност. Иронијата, според партијата, е што токму во годината кога Европската комисија констатира нула напредок во јавните набавки, се предлага посебен модел на располагање со огромни јавни средства. За овој ризик апелираше Левица, по чие скандализирање Предлогот за криминален закон е засега повлечен.
Уште позагрижувачка е тенденцијата проект од ваков обем да се концентрира околу тесен управувачки круг, додека независната културна сцена, авторите, уметниците и организациите што со децении го одржуваат културниот пулс на Скопје остануваат без доволно гаранции за суштинско учество. Левица поставува прашања кој ќе одлучува кои проекти заслужуваат поддршка, според какви критериуми, со какви договори и под чиј надзор, и веќе предупреди дека предложениот модел отвора простор за непрозрачна распределба на средствата, политичко влијание и привилегирање одредени чинители.
Од партијата потсетуваат дека ваквите предупредувања не се појавуваат одеднаш. Уште при претходниот мониторинг, европскиот експертски панел бараше суштински информации за организациската структура, финансиските гаранции, програмата, буџетите и механизмите за следење на реализацијата. Сега, во извештајот за 2026 година, Европската комисија повторно ја нагласува потребата од транспарентно управување и сигурно финансирање, што според Левица дополнително ја потврдува основаноста на нивните предупредувања.