Левица поднесе тужба против МОН поради замрзнат студентски оброк
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Левица поднесе тужба до Управниот суд и претставка до Народниот правобранител поради, како што велат од партијата, непостапувањето на Министерството за образование и наука во врска со законската обврска за усогласување на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата. Тужбата ја поднесе група студенти претставувани од Генералниот секретар на Црвена Младина, Марија Ванчева. Од Левица потсетуваат дека студентите претходно поднеле формален приговор до МОН со барање за исплата на законски усогласениот износ и надоместување на финансиската штета предизвикана од тригодишното непочитување на законот. Според партијата, Министерството ја избегнало суштината на барањето и доставило допис во кој известува дека започнало разговори со претставници на студентските собранија. Од Левица оценуваат дека министерката Весна Јаневска повторно ја префрлила одговорноста на состаноци и разговори, без да донесе конкретна одлука за кршењето на правата на студентите. Левица со месеци предупредува дека студентите се оштетени за околу 6,5 милиони евра поради тоа што оброкот е замрзнат на 140 денари, иако законот предвидува негово усогласување со инфлацијата. Партијата поднесе и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк, со кој предложи износот да се утврдува во висина од 1 процент од минималната плата, правото да важи за сите студенти, како и отстранување на ограничувањата и дискриминаторските критериуми во постојниот систем. Со поднесената тужба до Управниот суд, како што наведуваат од Левица, се бара судот да го испита незаконското постапување на МОН и да обезбеди заштита на законските права на студентите. Со претставката до Народниот правобранител, пак, се бара да се испита непостапувањето на Министерството и да се преземат мерки во рамките на неговите надлежности. Од партијата порачуваат дека студентите не смеат да останат без правна заштита само затоа што Министерството решило да ја игнорира својата законска обврска.