Левица: Неприфатлив апсурд — Владата одлучила за 300 милиони денари, а сега тврди дека не се државни пари

Партијата Левица оцени дека е невиден апсурд Владата да донесе одлука за трошење на 300 милиони денари, а потоа јавно да тврди дека тие пари не се државни средства. Во соопштение за јавност, Левица реагира на обидите на Владата да ја „спаси приказната“ со, како што велат, евтина семантичка измама за наводен трошок од нула денари.
Според Левица, откако со инсистирање се дознало дека прославата на 35 години независност чинела повеќе од 300 милиони денари од Државна лотарија, Владата се обидува да го прикаже трошокот како да не постои. Директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, отишол и чекор подалеку, објаснувајќи дека тоа биле пари на компанијата и дека буџетски средства ќе станеле дури откако добивката би била уплатена во трезорот.
Левица потсетува дека Државниот завод за ревизија е кристално јасен по ова прашање и вели дека Државна лотарија е друштво во целосна сопственост на државата, основано од Владата, а сите 45.000 акции ги поседува Република Македонија. Во ревизорските извештаи, ДЗР средствата на друштвото повеќепати експлицитно ги квалификувал како јавни средства.
Од Левица укажуваат дека Владата е контрадикторна сама на себе, бидејќи признава дека токму таа на 28 април ѝ укажала на Лотарија да обезбеди 300 милиони денари од нераспределената добивка за 2024 година за прославата, а потоа истата Влада се однесува како да нема никаква врска со потрошените пари.
Во соопштението се наведува дека членот 483 од Законот за трговските друштва предвидува оти за распоредувањето на добивката одлучува Собранието и дека во одлуката се прикажува секоја поединечна намена, вклучително и преносот на добивката во наредната година. Оттука, Левица прашува каде е одлуката со која добивката за 2024 година е распоредена и оставена како нераспределена или акумулирана, а потоа каде е актот врз чија основа дури 300 милиони денари од тие средства се насочени кон оваа прослава.
Според Левица, во ревидираниот Биланс на успех на Државна лотарија за 2024 година е прикажана добивка од 547,54 милиони денари, што значи дека средствата од 300 милиони денари наменети за оваа прослава се еквивалентни на повеќе од половина од целата прикажана годишна добивка.
Истовремено, ДЗР утврдил дека во цела 2024 година Лотарија исплатила 70,599 милиони денари за сите спонзорства, а оваа операција е повеќе од четирикратно поголема од целокупниот годишен износ за спонзорства во годината од која наводно потекнуваат парите.
Од Левица додаваат дека има уште една причина зошто јавноста не смее да прифати ништо на доверба. Имено, ДЗР веќе ја има компромитирано практиката на самата Лотарија токму во областа на спонзорствата. При ревизијата за 2024 година е утврдено дека друштвото немало интерен правилник со прецизно дефинирани критериуми според кои се определува висината на спонзорствата и донациите, што според ревизорите овозможувало нетранспарентно и неконтролирано трошење на средствата.
Левица смета дека ваквата состојба дополнително ја поткопува довербата во институциите и бара јасни одговори за тоа кој ја донел одлуката за трошење на парите од Државна лотарија и врз основа на кој правен акт. Од партијата порачуваат дека граѓаните имаат право да знаат како се трошат средствата на друштво во целосна државна сопственост, особено кога станува збор за износ што надминува половина од годишната добивка на компанијата.