Левица: ДПМНЕ со ребалансот крати 185 милиони денари од образованието

Партијата Левица ја обвини власта на ДПМНЕ дека со ребалансот на буџетот ги скратила средствата за образование за 185 милиони денари, оценувајќи го тоа како директен удар врз студентите и младите. Од партијата соопштија дека станува збор за намалување на првично планираниот буџет на Министерството за образование и наука, при што, како што велат, капиталните расходи се кратат за дополнителни 518 милиони денари.
Според Левица, кратењето доаѓа во момент кога студентите едвај ги покриваат основните трошоци за живот, студентскиот стандард пропаѓа, а субвенционираниот студентски оброк со години не се усогласува со инфлацијата. Од партијата сметаат дека власта на тој начин дополнително го осиромашува и онака недоволниот буџет за образование и дека тоа е директен удар врз студентите и младите, кои наместо подобри услови за студирање, поквалитетно образование и достоинствен студентски стандард добиваат нови кратења и празни ветувања.
„Додека цените растат, а куповната моќ на студентите се намалува, ДПМНЕ покажува дека образованието не ѝ е приоритет. Токму затоа нема пари за зголемување на студентскиот оброк! Кога треба да се обезбедат средства за студентите, одговорот е дека буџетот е ограничен — мора да се штеди токму на младите! Но затоа, има пари за НАТО, за воени расходи и за интересите на неколку богаташи“, соопштуваат од Левица.
Од партијата нагласуваат дека низ целиот свет младите се креваат против кратењето на средствата за образование и против политичарите кои сметката за сопствените грешки ја префрлаат врз граѓаните, а во Македонија, како што велат, имаат власт која од година во година се задолжува, го уништува секојдневниот живот на граѓаните и штеди кај сите категории освен кај најбогатите. Според Левица, студентите сега се на мета на оваа десничарска влада.
„Држава што го осиромашува сопствениот образовен систем, ја осиромашува сопствената иднина. Пропаднат образовен систем неизбежно создава пропадната држава“, велат од партијата, додавајќи дека преку амандмански интервенции ќе се обидат да го стопираат овој расипнички ребаланс.
Од Левица заклучуваат дека има пари и за младите, и за работниците, и за пензионерите, но дека нема политичка волја кај ДПМНЕ и нивните функционери, затоа што, како што тврдат, кратењето треба да почне од нивните луксузи.