Левица: Договорот со „Стардаст“ потпишан само неколку часа откако пристигна единствената понуда

Партијата Левица денеска излезе со соопштение во кое тврди дека јавниот повик за организација на прославата по повод 35 години независност на државата бил само формалност, а дека договорот вреден 300 милиони денари со компанијата „Стардаст“ бил однапред договорен. Според Левица, објавените документи покажуваат дека единствената понуда на јавниот повик пристигнала на 8 мај во 10:41 часот, а договорот бил склучен истиот ден, што, како што велат оттаму, е јасен доказ дека целата постапка била наместена однапред.
Левица потсетува дека во целата досегашна приказна за прославата на јубилејот, јавниот повик беше претставуван како почетна точка на процесот, по што следувал изборот на „Стардаст“, најавата на светски познатиот диџеј Дејвид Гета и целата реализација на програмата. Но, како што се наведува во соопштението, договорот што сега го објави „Слободен печат“ го покажува редоследот многу поконкретно — на 8 мај во 10:41 часот пристигнува единствената понуда, а договорот за 300 милиони денари е склучен истиот ден.
Од Левица оценуваат дека објавените документи повторно покажуваат како парите на граѓаните се користат за обогатување на мал број луѓе, додека институциите ги заобиколуваат законите и ја приспособуваат државата според нивните интереси. Според партијата, наместо јавните средства да служат за подобрување на животниот стандард на мнозинството, тие повторно стануваат извор на профит за оние кои се најблиску до власта и ја имаат привилегијата да склучат однапред договорени зделки.
Во соопштението се наведува и дека од страната на „Стардаст“ договорот го потпишала Миа Милошевска, основач и управителка на компанијата, која е ќерка на Бобан Милошевски од „Авалон“. Левица потсетува и на фактот дека истата „Стардаст“ само два месеци претходно добила 1.850.610 денари од Државна лотарија, а потоа станала единствен понудувач за организацијата на прославата вредна 300 милиони денари.
Според претходните објаснувања на институциите, Комисијата беше претставувана како дел од процедурата која требало да ја разгледа понудата и да утврди дали се исполнети условите. Но, како што се истакнува во соопштението, документот сега покажува дека договорот е склучен само неколку часа откако пристигнала понудата. Левица поставува прашање каква понуда требало да разгледа Комисијата — документ од околу 100 страници кој содржел целосен концепт за повеќедневна програма.
Од партијата велат дека сето тоа требало да го направи тричлена Комисија, која за неколку часа не само што требало да ја прочита документацијата, туку и да ја разгледа програмата, да ги провери условите, да ги оцени критериумите врз основа на кои наводно се избира најповолниот понудувач и да го заврши целиот процес доволно брзо за истиот ден да биде составен и потпишан договор вреден 300 милиони денари. „Очигледно во Државна лотарија тричлена комисија има супермоќи: за неколку часа успева да направи евалуација за која на секој нормален човек би му биле потребни денови“, се наведува во соопштението на Левица.
Левица смета дека ваквиот тек на настаните не остава простор за сомнеж дека зделката била однапред договорена и дека јавниот повик бил спроведен само за да се задоволи формата. Партијата бара целосна одговорност од институциите и јавност за тоа како се трошат парите на граѓаните, особено кога станува збор за проекти од национален интерес како што е прославата на државниот јубилеј.