Левица денес во Собранието поднесува два предлога: законска заштита на боледувањата и станбена поддршка за младите семејства

Партијата Левица денес пред Собранието поднесува два предлог-закони кои, како што велат од партијата, отвораат две суштински прашања за животот на граѓаните — заштитата на работниците од најавените домашни контроли на боледувањата и државната поддршка за младите семејства при решавањето на станбеното прашање. Двете иницијативи доаѓаат во период кога, според Левица, Владата на ДПМНЕ посегнала по надзор врз болните работници, додека премиерот Христијан Мицкоски демографската криза ја објаснува со потребата од промена на менталитетот на младите.
Од партијата оценуваат дека наместо да ја подобрува здравствената заштита и условите за работа, власта посегнала по кратење на боледувањето што самостојно го одобрува матичниот лекар, и тоа од седум на пет дена, преку измена на подзаконски правилник. Дополнително, Фондот за здравствено осигурување најавил контролори кои би тропале по домовите за да проверат дали болниот работник навистина се наоѓа таму, а во целата приказна се вклучил и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, со најави за полициска соработка при откривањето. Така, сметаат од Левица, наместо боледувањето да остане пред сè медицинско прашање, власта отворила простор за негово третирање како безбедносен проблем.
„Во држава во која работникот неретко се плаши да побара и слободен ден, ДПМНЕ отвора можност болниот човек дополнително да се правда зошто не е на работа“, велат од партијата. Левица предлага седумте дена боледување што самостојно ги утврдува матичниот лекар да бидат законски заштитени од кратење со подзаконски акти и фрустрации на министри, а теренските проверки во домовите изрично да се забранат.
Од друга страна, според Левица, демографската криза за Владата на ДПМНЕ станала повод за морализирање кон младите, наместо за сериозна расправа за нивната економска положба. Мицкоски најавувал даноци за ергени, зборувал дека проблемот не бил само во финансиите, туку и во желбата и менталитетот, а демографската политика ја поврзувал со промена на читанките од „јас, мама и тато“ во „јас, мама, тато, бато и дада“.
Наместо вакви симболични пораки, од Левица сметаат дека се потребни мерки што реално ќе ги намалат трошоците и неизвесноста со кои се соочуваат младите. Како илустрација на состојбата, партијата наведува дека во првата половина од 2026 година дури 65 од вкупно 80 општини имаат негативен природен прираст. Со тоа, како што велат, демографската криза не се решава со лекции за братче и сестриче, туку со предуслови што ќе им овозможат на младите семејства да останат и да градат иднина во земјата.
Двата предлога на Левица, според најавите, денес ќе бидат ставени пред пратениците, а партијата очекува расправа што ќе ги стави потребите на работниците и на младите семејства во центарот на одлучувањето.