Левица бара ревизија на набавката на противпожарни апарати во МАНУ: двојно повисоки цени од споредливите тендери

Партијата Левица отвори нови прашања за трошењето на јавните пари во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), овој пат поради набавката на противпожарни апарати и сервисирањето на постојните, соопштија од партијата. Според нив, МАНУ, под раководство на Живко Попов, татко на пратеникот на ДПМНЕ Сергеј Попов, продолжува да отвора сомнежи за начинот на кој се трошат јавните средства, по милионскиот договор за сметководствени услуги и спорната набавка за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
Од Левица укажуваат дека МАНУ веќе располага со бројот на противпожарни апарати предвиден со важечкиот Елаборат за заштита од пожари, но и покрај тоа, во 2026 година се спроведува нова набавка на противпожарни апарати. Во достапната документација, како што наведуваат, не е наведено кој стручен документ утврдил дека постојните апарати треба да се заменат или дека е потребна набавка на дополнителни апарати. Исто така, не е наведено ниту кога последен пат биле сервисирани постојните апарати, ниту дали воопшто биле неисправни.
Според соопштението на Левица, проценетата вредност на набавката е поставена на 600.000 денари без ДДВ, но уште посериозни се разликите во цените. За апарат од типот C-6, МАНУ плаќа 4.700 денари, додека Општина Велес за апарат од истиот тип платила 2.100 денари, што значи дека МАНУ плаќа 124 отсто повеќе. Кај апаратот C-9 разликата е уште поголема – 5.500 денари во МАНУ наспроти 2.300 денари во Велес, односно 139 отсто повеќе. Кај CO₂ апаратот од пет килограми, МАНУ плаќа 5.100 денари, наспроти 3.330 денари во споредливата набавка, што е 53 отсто повеќе.
Од Левица бараат МАНУ веднаш да ја објави целокупната документација поврзана со набавката – Елаборатот за заштита од пожари, пописот на постојните апарати, сервисните записници, стручните мислења, пазарното истражување, понудите, техничката спецификација, споредбите со цените од ЕСЈН, Одлуката за набавка и Договорот. Доколку документите покажат дека постоела неоправдана набавка, дека проценетата вредност не била заснована на реални пазарни податоци или дека биле плаќани неоправдано повисоки цени, од партијата сметаат дека Државниот завод за ревизија, Бирото за јавни набавки и надлежното Јавно обвинителство треба да ги испитаат сите околности.
Ова не е прв пат Левица да покренува прашања за набавките во МАНУ. Претходно партијата го критикуваше милионскиот договор за сметководствени услуги, како и спорната набавка за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, што според нив укажува на шема на нетранспарентно трошење на институционалните средства. Со најновата иницијатива, Левица инсистира на целосна транспарентност и одговорност при користењето на јавните пари во една од најзначајните државни институции.