Левица бара одговорност од Тошковски и прашува што договорил Муцунски во Софија по бегството на Михаилова

Партијата Левица побара политичка одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, откако Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, се најде во Софија и покрај тоа што е на стоп-листа за напуштање на Македонија. Од Левица тврдат дека Министерството за внатрешни работи нема евидентиран излез на Михаилова од државата и дека МВР под раководство на Тошковски повторно докажува дека не е способно да ги спроведе ниту сопствените мерки.
Од партијата потсетуваат дека нејзиниот татко, Симеон Михаилов, осуден на 13 години затвор за обид за убиство во случајот „Детонатор“, со години се крие во Бугарија од издржувањето на казната. Според Левица, таткото и ќерката се наоѓаат во Бугарија, надвор од дофатот на македонските институции, што според нив е уште еден показател за неспособноста на безбедносниот систем да ја контролира сопствената територија.
„Уште колку луѓе треба да ни избегаат за да признаеме дека безбедносниот систем ни е крахиран? Границите ни се швајцарско сирење – криминалот, шверцот и бегствата од правдата со години ја разобличуваат неспособноста на МВР да ја контролира сопствената територија“, велат од Левица. Од партијата оценуваат дека Панче Тошковски секојдневно докажува дека интерпелацијата на Левица била повеќе од оправдана, потсетувајќи дека со 17 точки ја образложиле неговата политичка одговорност и дека оттогаш скандалите само се редат.
Според Левица, Тошковски нема капацитет да гарантира ниту основна безбедност, ниту спроведување на мерките што ги изрекуваат судовите, а МВР под негово раководство потфрла во своите најосновни задачи. „Министер што не може да гарантира контрола на границите нема кредибилитет да ја води безбедносната политика на државата!“, се наведува во соопштението на партијата.
Од Левица го отвораат и прашањето за неодамнешната посета на Софија на Тимчо Муцунски, кој пред само неколку дена преговараше за македонско-бугарските односи и бугарското вето. Партијата прашува дали зад затворени врати се договарало замижување пред бегството на Михаилова во замена за бугарско попуштање околу ветото и дали власта е подготвена да ги жртвува владеењето на правото и одговорноста на институциите за да добие привидно придвижување кон ЕУ.
„Наместо правда и сигурност, граѓаните добиваат порака дека доволно е да се најдеш од другата страна на границата за да станеш недостапен за македонските институции. Тоа е пораз на правната држава, а последиците за ваквата состојба не смеат повторно да изостанат“, порачуваат од Левица. Партијата заклучува дека Панче Тошковски мора да понесе одговорност за безбедносниот дебакл што се случува под негово раководство.