Левица бара ДПМНЕ и СДСМ веднаш да делегираат членови во Анкетната комисија за „Пулс

Партијата Левица упати јавен повик до ДПМНЕ и СДСМ веднаш да ги делегираат своите членови во Анкетната комисија за случајот „Пулс“, оценувајќи дека двете најголеми партии со меѓусебни политички калкулации го одложуваат нејзиното функционирање. Од Левица сметаат дека е срамно тоа што родителите на загинатите во трагедијата „Пулс“ мора повторно да бараат Комисијата да проработи, иако таа била изгласана уште на 3 декември 2025 година.
„Фактот што девет месеци подоцна таа сè уште не функционира кажува многу“, наведуваат од партијата, оценувајќи дека државата полесно се навикнува на трагедијата отколку што ги отвора механизмите што довеле до неа. Според Левица, ДПМНЕ има интерес да не се отвораат актуелните институционални пропусти поврзани со „Пулс“, додека СДСМ има причина случајот со Модуларната болница да остане подалеку од политичка расправа.
Анкетната комисија ги опфаќа случаите „Пулс“, Модуларната болница, „Беса транс“ и Ласкарци. „Кога взаемното молчење им користи, дилот станува многу поудобен од реформата“, се наведува во реакцијата на Левица.
Од партијата потсетуваат дека единствено тие предложиле член и заменик-член во Анкетната комисија. Според Левица, по трагедиите не е доволно само да се утврдуваат одговорностите, туку мора да се менува и начинот на функционирање на институциите.
„Ако дозволите се издаваат по истата логика, контролите остануваат формални, инспекциите се сведуваат на административна рутина, ако службеникот може да потпише без реална проверка и ако никој политички не плаќа цена за (не)надзорот, тогаш не сме исправиле ништо“, велат од Левица.
Партијата посочува и дека Собранието не ги усвоило заклучоците предложени по седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, со која претседава Димитар Апасиев.
Од Левица повторно ги повикуваат ДПМНЕ и СДСМ да ги делегираат своите претставници и да престанат, како што велат, да ја држат Анкетната комисија како заложник на своите меѓусебни политички интереси. Партијата оценува дека граѓаните имаат право да добијат одговори за трагедиите и дека институциите мора да функционираат онака како што е предвидено, а не да зависат од волјата на партиските лидери.