Лери Елисон го откажа планот за продажба на акции во „Оракл“ вредни до 7,5 милијарди долари

FinPortal.mk · 12.9.2026 г.

Основачот на „Оракл“, Лери Елисон, го откажа планот за продажба на до 50 милиони свои акции во компанијата, што по сегашната цена на акцијата би вредело до 7,5 милијарди долари. Откажувањето дојде само еден ден откако „Оракл“ во регулаторна пријава го објави планот за тргување на својот основач, усвоен на 22 јуни, со предвиден крај на 24 октомври. Според соопштението објавено во саботата, под планот за продажба на акции од типот 10b5-1 не била продадена ниту една акција на „Оракл“, а Елисон нема други планови да продава свои акции. Други детали во соопштението не беа дадени. Елисон, кој има 82 години, задржал значителен дел од компанијата што ја основал во 1977 година. Како што претходно објави CNBC, тој продолжува да контролира повеќе од 40 отсто од „Оракл“. Елисон помогна „Оракл“ да се трансформира од традиционален производител на софтвер во значаен играч во инфраструктурата за вештачка интелигенција. Но, како дел од таа промена, компанијата натрупа голем долг, а акцијата годинава падна за околу 23 отсто. Елисон е и татко на Дејвид Елисон, актуелен извршен директор на „Парамаунт Скајденс“, кој има амбиција да го преземе „Ворнер брос дискавери“. Постариот Елисон помогна во финансирањето на првичното спојување меѓу „Скајденс медиа“ на Дејвид Елисон и „Парамаунт“, а е и поддржувач на предложеното преземање на „Ворнер брос дискавери“. Предложената зделка во моментов е блокирана со тужба на државни правобранители поради загриженост за конкуренцијата.

Лери Елисон го откажа планот за продажба на акции во „Оракл“ вредни до 7,5 милијарди долари | FinPortal.mk

Основачот на „Оракл“, Лери Елисон, го откажа планот за продажба на до 50 милиони свои акции во компанијата, што по сегашната цена на акцијата би вредело до 7,5