ЛДП: Владата ја третира државата како циркус за промотивни видеа, дигиталните документи не важат на терен

Либерално-демократската партија (ЛДП) остро ја критикуваше владата поради скандалот со дигиталните документи, нарекувајќи го „важи-неважи“ и оценувајќи дека државата се третира како циркус за промотивни видеа. Од партијата бараат јавен одговор за тоа колку народни пари чинела скапата промотивна фарса, откако се покажа дека електронските документи на мобилен не можат да се користат на терен.
Според ЛДП, на 28 октомври премиерот Христијан Мицкоски се сликал на „гламурозна скапо платена претстава“ и триумфално ја промовирал апликацијата „м.Услуги“, ветувајќи му на народот крај на шалтерите и дигитални документи на мобилен. Но, само ден подоцна, како што наведуваат од партијата, министерот Стефан Андоновски излезе и соопшти дека дигиталната лична карта и возачката дозвола не важат при полициска контрола, бидејќи МВР и институциите воопшто не се подготвени.
„Кого зафркавате и со чија интелигенција си подигрувате кога за само 24 часа сами си ја паѓате сопствената лага? Како раштиман оркестар сте – што воопшто правите на владина седница, дали министрите воопшто имаат поим што прават другите ресори, или воопшто не ги интересира и се на некој светски конгрес додека ја бламираат целата држава“, прашуваат од ЛДП.
Од партијата бараат јавен одговор на неколку прашања: колку народни пари чинеше оваа скапа промотивна фарса за џабе, кога електронските документи на мобилен не можат да се користат на терен, кој ќе понесе одговорност за оваа скандалозна некоординираност на владата и дали некој намерно го мести премиерот во сопствената партија, бидејќи, како што велат, „ова веќе е чисто лудило – еден ден едно, друг ден друго и тоа за секое живо прашање“.
„Ова е врв на несериозност и политичко аматерство! Граѓаните се уморија од евтини ПР-трикови, празни QR-кодови и фешти каде се делат лажни надежи. Додека министрите се сликаат за лајкови, граѓанинот и понатаму мора да ја носи пластичната лична карта за секој случај и да истражува по шалтерите каде што државата е дигитална, а каде заглавена во камено време. Доста со лажни паралелни реалности – или направете функционален систем кој работи за народот, или престанете да го малтретирате со секојдневни бламажи“, вели Цветанка Геговска, членка на Извршниот одбор на ЛДП.
Од партијата бараат итна одговорност и престанок на она што го нарекуваат евтини дигитални маскаради, нагласувајќи дека државата не е циркус за промотивни видеа и дека граѓаните заслужуваат сериозни институции, а не „министерство за чист ПР“.