ЛДП: Владата да објави колку чини мисијата на Фетаи во Брисел

Либерално-демократската партија (ЛДП) побара од Владата јавно и транспарентно да соопшти која е специјалната мисија на екс-вицепремиерот Фетаи во Брисел, што тој дополнително ќе работи вон постоечките капацитети и какви се очекувањата за успех на неговата мисија. Од партијата оценуваат дека јавноста има право да дознае што точно претставува функцијата „специјален претставник на Владата“ при Европската Унија, кога државата веќе има свој највисок претставник со титула амбасадор при ЕУ и цела амбасада во Брисел.
Според ЛДП, неработникот и недоаѓач на работа, екс-вицепремиер, наместо казна и вратени пари за незаработената плата, добил унапредување и измислена функција во Брисел како „специјален претставник на Владата“ при ЕУ. Од партијата велат дека тоа е сè што јавноста дознала, додека цените растат побрзо од платите и додека над 70.000 денари се потребни за основни трошоци за еден месец. „Владата се луксузира и се расфрла со пари исцицани од народот за задоволување на лични хирови и договори“, велат од ЛДП.
Од партијата поставуваат низа прашања до Владата: нели се добри и доволни амбасадорот и сите дипломати во Брисел, зошто е потребна дополнителна специјална функција, и што е тоа што специјалниот претставник ќе го работи вон постоечките капацитети. ЛДП потсетува и дека оваа Влада измислила цело ново Министерство за европски работи, а со тоа и заменик министер и државен секретар, платени скапо од народот, со цели кабинети, возила, службени трошоци и куп други вработени. „Па нели им е работа на нив да бидат често во Брисел и да не претставуваат при ЕУ покрај веќе честото присуство на министерот за надворешни работи исто во Брисел и исто во ЕУ?“, прашуваат од ЛДП.
Од партијата бараат граѓаните да добијат одговор и на прашањето колку точно месечно ги чини оваа „специјално измислена мисија на расфрлање на пари“ за плати, надоместоци, трошоци и слично. Според ЛДП, потребно е јавноста да знае дали специјалниот претставник работи согласно законот и му е подреден на амбасадорот или работи незаконски и на средбите и на објавите.
Од ЛДП порачуваат дека на граѓаните им е преку глава од тоа власта да се расфрла со нивните пари за задоволување на лични амбиции или партиски договори. Партијата потсетува на милионите евра кои, како што велат, буквално се фрлаат на непотребни државни органи, на измислени министерства, на заменици министри, на заменици директори, на гломазни и преплатени управни и надзорни одбори, на кабинети и на луксузирање. „Кога нема пари за лекови и за терапија, кога нема пари за зголемување на студентскиот оброк, кога нема пари за намалување на ДДВ и акцизата на горивата, кога нема пари за социјални потреби тоа е затоа што некој намерно и свесно ги троши народните пари на погрешни места“, сметаат од ЛДП.
Партијата ја повикува Владата целосно да ја отвори документацијата за оваа функција и да објасни каква е нејзината законска основа, какви се резултатите досега и зошто е потребно дополнително платено претставување во Брисел кога државата веќе има амбасада и дипломатски кадар акредитиран при Европската Унија. Од ЛДП велат дека транспарентноста не е формалност туку обврска кон граѓаните кои ги плаќаат овие трошоци, и дека секој денар потрошен за паралелни или нејасни функции е денар помалку за здравство, образование и социјална заштита.