FinPortal.mk

ЛДП на Меѓународниот ден на демократијата: Отворени листи и судство на служба на граѓаните, а не на партиските елити

FinPortal.mk  · 
ЛДП на Меѓународниот ден на демократијата: Отворени листи и судство на служба на граѓаните, а не на партиските елити

Либерално-демократската партија (ЛДП) го одбележа Меѓународниот ден на демократијата со порака дека суштината на демократијата не се состои само во формалното одржување избори на секои четири години, туку во прашањето какви избори имаме, кој на нив учествува и под какви услови се избираат народните претставници. Од партијата оценуваат дека без одговорни пратеници кои отчет ќе му даваат директно на граѓанинот, наместо послушници кои ги исполнуваат налозите и желбите на партиските шефови и елити, не може да се зборува за функционална држава.

Затоа ЛДП бескомпромисно инсистира на итни измени во Изборниот законик, со прифаќање на нивниот концепт за отворени листи и една изборна единица. Според партијата, тоа е единствениот начин да се скрши партискиот монопол и моќта да се врати кај народниот глас. Од ЛДП сметаат дека ваквиот модел е неопходен чекор кон систем поставен по европски терк, во кој избраните претставници ќе бидат одговорни пред оние што ги избрале, а не пред партиските структури.

Во соопштението по повод Меѓународниот ден на демократијата, ЛДП посочуваат и на состојбата во правосудството, нагласувајќи дека вистинската демократија подразбира правосудство кое ќе биде позитивно оценето од народот затоа што му служи нему. Партијата предупредува дека заловено судство и обвинителство, кои испорачуваат правда само за елитата на власт, не можат да бидат темел на демократско општество. Демократијата, велат оттаму, постои кога законите важат за сите еднакво.

ЛДП во својата порака го отвораат и прашањето за притисоците врз судството, оценувајќи дека демократија не е кога премиерот противуставно и противзаконски им се заканува на судовите со укинување на нивните законски предвидени финансии, додека надлежните органи кукавички молчат пред ваквиот отворен притисок. Според партијата, судството и Јавното обвинителство мора да му служат на народот, а не да бидат претворени во личен штит и сервис на Владата.

Од ЛДП нагласуваат дека демократијата се мери според европските стандарди и дека тие не се исполнуваат со козметичко одработување на неколку задачи од Реформската агенда, ниту со нудење лажни автократски алтернативи. Патоказот за партијата е јасен и подразбира детално спроведување на сето она што е предвидено во скрининг процесот, со цел Македонија да стане вистински функционална демократија.

Според ЛДП, без оглед на тоа дали земјата ќе стане членка на Европската Унија утре или подоцна, скринингот мора да се спроведе до последната точка, за во Македонија да се живее како во Холандија, Шведска, Луксембург, Чешка или Ирска. Граѓаните, велат оттаму, заслужуваат квалитет на живот од најразвиените европски демократии, а не враќање во автократско мрачњаштво.

Партијата предупредува дека сè додека ги нема европските стандарди во правосудството, образованието, здравството и животната средина, Македонија не само што нема да биде европска демократија, туку ризикува целосно да се испразни. Без систем што нуди правда, сигурност и достоинство, иселувањето ќе продолжи до степен каде што, како што велат од ЛДП, повеќе нема да зборуваме за држава, туку за територија без население.

Од ЛДП порачуваат дека нема да дозволат демократијата да биде декор и дека ќе продолжат да инсистираат на системски решенија поставени по европски терк, во кои отворените листи, одговорното судство и владеењето на правото за сите подеднакво се основата врз која се гради функционална држава на служба на граѓаните.