FinPortal.mk

ЛДП бара итно намалување на трошоците за измислени функции и партиски кабинети

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
ЛДП бара итно намалување на трошоците за измислени функции и партиски кабинети

Либерално-демократската партија (ЛДП) побара Владата веднаш да пристапи кон намалување на трошоците за измислени функции, непотребни заменици-министри и заменици-директори, како и за преплатени управни и надзорни одбори, откако, како што велат од партијата, Владата конечно признала дека од државниот буџет со години немилосрдно се испумпуваат милиони евра за фиктивни трошоци.

Од ЛДП потсетуваат дека за ова предупредувале цело време и дека нивните тврдења сега се потврдиле како сурова вистина. „Во право бевме тогаш, во право сме и сега“, велат од партијата, оценувајќи дека објавата за откриените над 4.500 лажни корисници на социјална помош, меѓу кои починати, иселени и фиктивни лица, со што се правела штета од 25 милиони евра годишно, е само капка во океанот на буџетското расфрлање кое го празни џебот на македонскиот граѓанин.

Според ЛДП, поразителната математика покажува дека ако само на едно место, кај социјалните исплати, се заштедуваат дури 25 милиони евра годишно, тогаш десетици, па дури и над сто милиони евра народни пари годишно се фрлаат за измислени функции, непотребни функционери и партиски луксузи. Од партијата прашуваат колку милиони евра чинат функциите што ги нарекуваат фатаморгана, каква што е функцијата на Фетаи во Брисел, колку чини армијата непотребни заменици-министри и заменици-директори кои, како што велат, служат како безгласни кукли, а имаат високи плати, луксузни кабинети и службени возила, како и колку милиони одат за измислени работни места во јавната администрација каде што луѓе земаат плата за пиење кафе, наместо работата да се поедностави и дигитализира.

Пораката од ЛДП до Владата е јасна: да се фокусира таму каде што самата го протежира и заштитува грабежот, бидејќи тоа ќе биде вистинска реформа. Од партијата нагласуваат дека не е реформа само да се фокусира и да се застане кај социјалната помош, туку дека е потребно итно да се скрати расфрлањето со сите измислени позиции, непотребни кабинети, советнички места, управни и надзорни одбори кои служат исклучително за подмирување партиски апетити.

Од ЛДП велат дека дури кога тие стотина милиони евра ќе се вратат во буџетот ќе може да се зборува за вистинско заштедување и реформа. Тие стотици милиони евра, според партијата, мора веднаш да им се вратат на оние од кои беа земени, односно на граѓаните и стопанството. Со тие заштедени пари, како што наведуваат, ќе има средства за намалување и субвенционирање на горивата, ќе има повеќе за студентскиот оброк, подобро здравство и за реален економски раст кој ќе ги направи граѓаните побогати, наместо да бидат најсиромашни во Европа.

На крајот, од ЛДП ја повикуваат Владата да почне со укинувањето на измислената функција на Фетаи, оценувајќи дека само така можеби и ќе поверуваат дека реформите се вистински.