FinPortal.mk

ЛДП бара истрага за милионските хонорари од јубилејната прослава: „Иста матрица како Скопје 2014

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
ЛДП бара истрага за милионските хонорари од јубилејната прослава: „Иста матрица како Скопје 2014

Либерално-демократската партија (ЛДП) ја обвини Владата дека за 35-годишнината од независноста користи истата финансиска шема која беше применета при проектот „Скопје 2014“, при што зад непрегледни извештаи се кријат милионски суми наменети за јубилејната прослава. Од партијата оценуваат дека народот повторно гледа иста матрица на трошење, овој пат преку прослава за која се потрошени 5,5 милиони евра за 18 настани, со просечна „инвестиција“ од над 300.000 евра по настан.

Според реакциите на ЛДП, парите за прославата биле обезбедени од касата на Државна Лотарија, наместо да бидат вратени во Буџетот кој, како што велат, бил празен. Од вкупно потрошените 5,5 милиони евра, дури 2,1 милион евра се заведени како „хонорари за артисти“, но Владата, тврдат од партијата, крие колку точно од тие средства завршиле на сметката на Дејвид Гета, а колку добиле другите учесници.

ЛДП го повлекува паралелата со случајот на вајарката Валентина Стевановска, која наводно за себе „исцицала“ речиси 3 милиони евра за авторски хонорари во рамки на „Скопје 2014“. Само за споменикот „Воин на коњ“, како што потсетуваат од партијата, таа зела 649.000 евра од вкупно 10,5 милиони евра потрошени за изработка на споменикот. Според ЛДП, токму таа добро позната финансиска шема сега се повторува.

Од партијата поставуваат низа прашања до Владата, меѓу кои и дали им беа „фрлени трошки“ на домашните музичари и дали некој на големо се офајдил од организирањето на јубилејните настани. Исто така, ЛДП прашува кога Владата дознала дека има криза со цената на горивата, а со тоа и во Буџетот, па решила да фрла милиони народни пари за прослави, наместо парите од дивидендата на Државна Лотарија да се искористат порационално.

„Ова не е прослава на независноста, туку пресликана матрица од ‚Скопје 2014‘, каде што преку спектакли и задкулисни договори се испумпуваат народни пари. За жал, на јавноста ѝ е кристално јасно дека ниту се промени матрицата на трошење, ниту желбата за местење милионски бизниси под превезот на културата, додека граѓаните тонат во сиромаштија, а институциите се распаѓаат“, порачуваат од ЛДП.

Партијата упати директен и остар апел до Јавното обвинителство, прашувајќи до кога ќе молчи и ќе спие. Од ЛДП велат дека Јавното обвинителство нема повеќе никаков изговор за пасивноста, оценувајќи дека веќе сме средина на октомври, откако претходно не успеало да се соземе во текот на целиот септември.

Според барањето на ЛДП, Јавното обвинителство мора итно да се разбуди, по допрен глас да ги отвори сите договори за 5,5-милионската прослава и да истражи кои компании и поединци ги прибрале милионските маргини. Граѓаните, додаваат од партијата, бараат одговори и одговорност, а не нови фасади, скапи светла и криење зад институциите.