Квантас продава билети за директен лет Њујорк – Сиднеј од август следната година
Австралиската авиокомпанија Квантас планира да почне да продава билети за својот прв директен лет меѓу Њујорк и Сиднеј во август следната година, додека самите летови треба да бидат воведени во 2028 година. Според информациите објавени од CNBC, компанијата веќе ги разработува деталите за уште една маратонска рута со специјален авион на Ербас.
Летот на релацијата Њујорк – Сиднеј ќе трае околу 18 часа, со што ќе се приближи до она што во моментов е најдолг лет во светот. Таа титула сега ја носи директната линија на Сингапур ерлајнс од меѓународниот аеродром Џон Ф. Кенеди во Њујорк до Сингапур, која може да надмине 19 часа. Но, Квантас треба да ја преземе таа позиција следната есен, кога ќе го претстави директниот лет меѓу лондонскиот аеродром Хитроу и Сиднеј, кој трае околу 20 часа. Времетраењето на летовите варира во зависност од насоката и од периодот од годината.
Извршната директорка на Квантас, Ванеса Хадсон, изјави за CNBC дека новите летови доаѓаат по силната побарувачка за уште една ултрадолга рута — услугата од австралискиот град Перт до Лондон, која трае повеќе од 17 часа и се изведува со авион Боинг 787 Дримлајнер.
„Она што успеавме да го научиме од тоа е дека апсолутно постои клиент кој го сака ова и е подготвен да плати премиум за тоа“, рече таа во интервју во Њујорк, додавајќи дека патниците се обидуваат да избегнат поврзување на други аеродроми.
Авионот на Квантас, Ербас A350-1000 ULR, што значи ултрадолг дострел, ќе биде опремен со прва класа, бизнис класа, премиум економска и стандардна економска кабина. Тие летала имаат дополнителен резервоар за гориво за патувањето. Сингапур ерлајнс, пак, својот лет од Њујорк до Сингапур го изведува само со бизнис класа и премиум економска седишта.
Како дел од својата програма за ултрадолги летови, која ја нарекува „Проект изгрејсонце“, Квантас со години работеше со научници за спиење за да го проучува џетлегот. Хадсон рече дека компанијата разгледала начини да ги намали ефектите од патувањето на долги растојанија, користејќи, меѓу другото, различни шеми на осветлување за клиентите да се навикнат на временската зона на својата дестинација.