FinPortal.mk

Кузеска: Во тек е голема пљачка на Македонија преку пет нови рудници, антимон и дата центри

FinPortal.mk  · 
Кузеска: Во тек е голема пљачка на Македонија преку пет нови рудници, антимон и дата центри

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека ја распродава Македонија и ја претвора во депонија за туѓи бизнис интереси. Според неа, во тек е голема пљачка на државата, при што се продаваат водата, земјата и рудата за туѓи интереси и профити, на штета на здравјето на луѓето.

Кузеска наведе дека се планирани пет нови рудници, и тоа Иловица–Штука, Казандол, Плавица, Кадиица и Луке, како и геолошки ископи на планината Кожув. Таа посочи дека се предвидува и нов рудник за антимон, метал што се користи во воената индустрија. Според неа, продавачите на оружје му ги плаќаат состаноците на Мицкоски по хотели и ходници во САД, а тој им враќа со земја и ископ на отровен антимон за муниција, при што провизијата останува за нив, а сметката за народот.

Портпаролката на СДСМ тврди дека Мицкоски изјавил оти резервите биле поголеми од првиот и вториот производител во светот, но не кажал колку тони, не кажал каде, не кажал кој копа и не кажал што останува за селата до јаловиштето. Таа оцени дека станува збор за истата шема како кај дата-центрите, каде што пет-шест фирми биле под радар и веќе биле договорени.

Кузеска истакна дека за две и пол години Мицкоски нема ниту еден економски резултат, дека кошничката е до плафон и изнесува 90 илјади денари и дека народот едвај врзува крај со крај. Според неа, причината е тоа што Мицкоски државата ја гледа како плен, поради што нема економски политики, туку грабеж. Таа додаде дека ЕСМ тоне, државата се задолжува, а преку линковите со Руднап и Божиновска се тераат бизниси со струја и со броила, што, како што рече, се приоритетите на Мицкоски — бизнисот, провизиите и профитите.

Кузеска порача дека под радарот и далеку од очите на граѓаните Мицкоски ги става во ризик водата и земјата на штета на здравјето на луѓето. Таа оцени дека ова е грабеж и пљачка и дека СДСМ силно ќе се спротивстави, односно дека заедно со граѓаните ќе го блокира планот за рудниците, со порака дека Македонија не е на продажба.