Кузеска: ВМРО-ОКГ ги објавиле резултатите од гласањето на болните во Брвеница пред да се отворат кутиите

Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, го обвини ВМРО-ОКГ дека ги објавил резултатите од гласањето на болните и изнемоштените лица во Брвеница пред да бидат отворени избирачките кутии. Според неа, станува збор за истите методи што ги користела претходната власт на Никола Груевски, а сега, како што рече, истиот систем работи „под радар“.
Кузеска посочи дека на 17 октомври гласале болните и изнемоштените во Брвеница, при што од вкупно 88 лица гласале 85. Веднаш по гласањето, во сабота, како што наведе таа, профилите на ВМРО-ОКГ на социјалните мрежи ги поделиле бројките. По затворањето на избирачките места, според нејзините тврдења, порталот „Република“ ги објавил истите резултати: 50 гласа за нивниот кандидат, 20 за ВЛЕН, 15 за ДУИ и нула за СДСМ. „Бројките се точни со објавите на страниците на ВМРО. Како знаеле ден порано?“ праша Кузеска.
Таа оцени дека „ова не се неофицијални податоци, ова е признание“ и дека од ВМРО-ОКГ знаеле што има во запечатените кутии пред да се отворат и пред официјалното броење на комисијата. Кузеска потсети на „бомбите“ од 2015 година, кога, како што рече, се слушало токму тоа — влечење за уши, лица фатени за рака што ги водат да гласаат, контрола на ранливи групи и субвенции условени со глас. „Тогаш системот на Груевски го правеше тоа отворено. Сега, под арамијата Мицкоски, истиот систем работи само под радар. Знаат што има во кутијата пред да се отвори“, рече таа.
Кузеска го обвини и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ја претворил својата партија во сопствено царство и дека ги укинал сите потпретседатели. „Сега ги презема сите техники на владеење на Груевски. Менторот го постави ученикот“, изјави портпаролката на СДСМ. Според неа, партијата не сака да го прифати „изборниот грабеж“ што, како што тврди, ВМРО-ОКГ го спрема со закон по моделот на Груевски, со кој сака да овозможи изборна манипулација со гласовите од дијаспората, вклучително гласање без контрола, гласање по пошта и електронско гласање.
Таа нагласи дека СДСМ не прифаќа ништо што не е во согласност со препораките на Европската Унија и ОДИХР, меѓу кои истрага на купување гласови, притисок врз гласачи, злоупотреба на јавни ресурси, транспарентност и контрола. „Не гласање без контрола“, рече Кузеска.
Портпаролката на СДСМ побара обвинителството веднаш да спроведе истрага и да утврди како е можно да се знаат гласовите од запечатените кутии што се отвораат во исто време со гласовите од избирачките места. „Бараме одговорност. Бараме да се види кој ги отворил кутиите, кој ги броел на ‚ВМРО начин‘ и кој го пратил бројот да се објави јавно пред да стигне до комисијата. Ова е доказ како работи организираната криминална група. Истите методи од Груевски. Кутиите се отвораат уште во сабота. Гласовите ги штелуваат како анкетите. Истата банда“, изјави Кузеска.