FinPortal.mk

Кузеска: По падот на Орбан и Вучиќ, на ред е Мицкоски

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Кузеска: По падот на Орбан и Вучиќ, на ред е Мицкоски

Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека со падот на унгарскиот премиер Виктор Орбан и српскиот претседател Александар Вучиќ, доаѓа крајот и на она што таа го нарече „балкански картел“, а како следен на ред го посочи премиерот Христијан Мицкоски. Според неа, Македонија наскоро ќе биде ослободена од „канџите на оваа организација“ и повторно ќе биде слободна земја, медиумите ќе бидат слободни, народот ќе ја слушне вистината, а правдата ќе биде задоволена.

Кузеска ова го изјави во контекст на случувањата во Србија, каде што, како што рече, граѓаните гледаат што се случува со режимските телевизии „Информер“ и „Пинк“. Таа нагласи дека, за среќа, сè завршило без посериозни последици и потсети дека Студентската листа се оградила од упадот и повикала на смирување и институционална разврска. Според неа, пораката била јасна – народот повеќе не ја прифаќа лажната реалност што му била сервирана со години.

Портпаролката на СДСМ обвини дека години наназад, преку лажни вести, навреди, клевети и непрекината пропаганда, Драган Вучиќевиќ и Жељко Митровиќ го хранеле гневот на граѓаните. Таа наведе дека Вучиќевиќ, како главен пропагандист на Вучиќ, го викал народот „усташи“ и „терористи“, а студентската листа ја нарекувал „силувачко-секташка листа“, додека Митровиќ го држел „Пинк“ како лична телевизија на режимот.

Според Кузеска, истиот рецепт се гледа и во Македонија. Таа изјави дека Латас и Ивона Талевска се пандан на тоа дуо. Латас, како што рече, е човек со години во служба на српската државна безбедност, БИА и Вучиќ, и е „началник“ на Мицкоски за пропаганда, кој управува со сите „Орбан-Вучиќ медиуми“ во Македонија. Ивона Талевска ја опиша како уредничка на Алфа ТВ и на Еуроњуз со лиценца од Вучиќ.

Кузеска тврди дека двајцата се чести гости во кабинетот на Александар Вучиќ во Белград, каде со години ги запишувале барањата на режимот, и дека користат ист метод – „колку погласно и појако, толку повеќе ќе стане вистина“. Таа додаде дека Латас и Мицкоски го викаат народот „талог“, „мочуриште“, „медиокритети“ и „глодари“, со истата матрица, истата навреда и истата цел – да го омаловажат секој што не се согласува со криминалот и корупцијата.

Таа се осврна и на доаѓањето на „Ало група“ во рамките на групацијата во која се наоѓа и „Информер“ во Македонија, што, како што рече, донесе нов пристап со емисии копирани директно од „Информер“. Една од нив е „Колегиум“ – токму емисијата што ја води Вучиќевиќ и во која влегоа демонстрантите додека програмата траеше во живо. Кузеска наведе дека денес истата емисија се емитува на ТВ Алфа, која прво била во сопственост на Веселин Јевросимовиќ, сопственик на „Comtrade“ од Белград, близок на Вучиќ, а пред неколку години добила ново сопственост.