FinPortal.mk

Кузеска: Падот на Вучиќ ќе ги открие врските на Мицкоски со српската власт

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Кузеска: Падот на Вучиќ ќе ги открие врските на Мицкоски со српската власт

Падот на Александар Вучиќ на изборите во Србија ќе отвори истраги што, според СДСМ, ќе ги разоткријат наводните криминални и деловни врски меѓу српската власт и премиерот Христијан Мицкоски. На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, изнесе серија обвинувања за енергетски бизниси, банки, медиумско влијание, политички партии и организиран криминал.

„Историската победа во Србија го донесе падот на Александар Вучиќ, менторот на Христијан Мицкоски. Како што најавивме, доаѓа време за размонтирање на балканскиот криминален октопод и одговорност“, изјави Кузеска. Таа тврди дека изборниот исход во Србија ќе овозможи отворање истраги за бизнис-мрежи што, според СДСМ, се поврзани со Мицкоски. Во тој контекст ги спомена Адамовиќ, „Руднап“, министерката Сања Божиновска, како и бизнисите со електрична енергија и броила.

Кузеска повторно го отвори и случајот со пет тони дрога, тврдејќи дека наркотиците поминале од Македонија во Србија и завршиле кај структури поврзани со Српската напредна странка (СНС), без досега да има одговорност. „Се објавуваат информации за тоа кој е „Оскар“ во преписките на наркобосовите од платформа „Скај“. Допрва ќе почнат истрагите во Србија а тоа ќе доведе и до линковите во Македонија“, рече Кузеска.

Од СДСМ ја споменаа и „Алта банка“, обвинувајќи дека нејзиното присуство во Македонија е дел од поширока финансиска поврзаност со Србија. Кузеска тврдеше дека банката била запрена во Европа и дека во Македонија се применува истиот модел на вложување капитал, но на прес-конференцијата не беа приложени конкретни документи за овие тврдења.

Дел од обвинувањата беа насочени и кон медиумите. Кузеска ги посочи Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска како учесници во, според неа, организирана негативна кампања против СДСМ и партискиот претседател Венко Филипче. Таа ги спомена и српските медиумски брендови „Еуроњуз“ и „Ало“, како и наводната употреба на бот-мрежи и дигитални платформи поврзани со СНС за поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.

Кузеска изнесе и тврдења за поврзаност меѓу лобистички структури, компанијата „4iG“, унгарскиот капитал и политичките структури во Македонија, но без приложени документи. Според неа, целта на овие мрежи е влијание врз енергетскиот сектор и медиумскиот простор во земјата.

Обвинувањата на СДСМ доаѓаат во момент кога политичката сцена во регионот се преуредува по изборниот резултат во Србија. Кузеска најави дека партијата ќе продолжи да објавува информации за наводните врски, тврдејќи дека истрагите во Србија ќе отворат патот кон одговорност и во Македонија.