FinPortal.mk

Кумановскиот отпад привремено се одлага на скопската „Дрисла“ поради блокадата на депонијата „Краста

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Кумановскиот отпад привремено се одлага на скопската „Дрисла“ поради блокадата на депонијата „Краста

Комуналниот отпад од Куманово почна да се депонира на скопската депонија „Дрисла“, откако жителите на селото Пчиња и неколку околни места веќе цела недела протестираат и ја блокираат депонијата „Краста“, не дозволувајќи им влез на камионите и спречувајќи го депонирањето на отпадот. Како што изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, ваквото решение е привремено, додека не се реши проблемот со блокадата на депонијата „Краста“.

Жителите на Пчиња и околните населени места протестираат поради пожарите и постојаното чадење на депонијата, кои, како што велат, претставуваат опасност по нивното здравје. Тие ја блокираат депонијата и не дозволуваат депонирање на комуналниот отпад, барајќи прво да се изгасне опожарената депонија, за да не се повтори ситуацијата со ширење чад кон населените места.

Вчера средба со жителите имаше градоначалникот Димитриевски, кој ги убедуваше да дозволат влез на камионите и ѓубрето да се фрла во делот каде што нема пожари. Но, граѓаните не прифатија и останаа на блокадите пред депонијата.

Стојан Стојковски, претставник на жителите, рече дека протестите не се насочени против собирањето на отпадот во Куманово, туку против неговото одлагање на депонијата, од која повторно се шири чад кон населените места. „Нашите ставови се јасни. Не се повлекуваме од блокадата додека не се изгасне опожарената депонија. Сметаме дека е кривично дело да се носи нов смет на опожарена депонија, а потоа повторно да чади кон селото и да се повтори истата ситуација. Шест месеци ништо не беше преземено, а по најавата за блокада, почнаа да работат. Сега сакаат проблемот да го решат одеднаш“, рече Стојковски.

Според изнесеното, жителите остануваат на блокадата додека не се изгасне опожарената депонија, а кумановскиот отпад во меѓувреме се пренасочува кон Скопје, како привремено решение додека не се најде излез од ситуацијата со депонијата „Краста“.