Крива Паланка бара 30-дневна кризна состојба поради над 1.000 грла неконтролиран добиток

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на прес-конференција упати итен апел до Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на општината и да обезбеди потребните ресурси за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток. Барањето произлегува од заклучоците на Општинскиот кризен штаб и од оцената дека надлежните институции немаат доволно капацитети самостојно да се справат со проблем од ваков обем.
На прес-конференцијата присуствуваа многубројни граѓани, меѓу кои и лица што претрпеле штети од добитокот. Нивното присуство, како што беше истакнато, ја нагласи сериозноста на состојбата и очекувањето институциите конечно да покажат слух за проблемите со кои граѓаните секојдневно се соочуваат и да ги заштитат нивната безбедност, имот и труд. „Додека институциите ги објаснуваат своите ограничувања и надлежности, граѓаните ги бројат своите загуби и штети“, порача Митовски.
Според информациите изнесени на Кризниот штаб, повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ општината. Се уништуваат земјоделски насади, се оштетуваат приватни имоти и јавни површини и се загрозува безбедноста во сообраќајот. Добитокот секојдневно се движи и низ самиот центар на градот, што дополнително ја влошува состојбата за жителите.
Митовски истакна дека се неопходни дополнителни стручни, логистички, оперативни и финансиски ресурси, специјализирани возила и соодветен простор за сместување на животните. Од Владата побара да обезбеди заедничка, координирана интервенција, со јасен оперативен план, активности по денови, прецизни задолженија и точно утврдена одговорност. Планот, како што наведе, треба да опфати организирано заловување, безбеден транспорт и згрижување на добитокот, како и мерки што ќе спречат повторување на проблемот.
Градоначалникот посочи дека од јануари 2022 година до Владата, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство се доставени стотици пријави и иницијативи. Поднесена е и кривична пријава за мачење животни, а собрани се докази за материјални штети, повреди на граѓани и уништување јавни површини.
Според Митовски, правосилните и извршни решенија за одземање животни од регистрирани одгледувалишта, донесени уште во 2024 година, сè уште не се спроведени во целост. Досегашните делумни интервенции, истакна тој, не обезбедиле трајно решение за проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток.
Градоначалникот го отвори и прашањето за здравствената состојба и благосостојбата на животните, барајќи одговори за тоа кој го следи нивниот статус и какви мерки се преземаат за нивна заштита. Со барањето за кризна состојба, Општина Крива Паланка очекува институциите да преминат од делумни интервенции кон координирана акција што ќе го реши проблемот во целост и ќе ги заштити граѓаните, нивниот имот и јавните површини.