Ковентри го разби Њукасл со 4-1 и се израмни со Манчестер Јунајтед на табелата
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Ковентри приреди вистинска сензација во последниот натпревар од шестото коло во Премиер-лигата, совладувајќи го Њукасл со убедливи 4-1. Тимот на Френк Лампард по очајниот старт и четирите последователни порази конечно влезе во ритам и сега има две победи во низа, со кои се израмни со Манчестер Јунајтед по бројот на освоени бодови. Домашните одлично го отворија натпреварот и поведоа уште во четвртата минута. Голманот Хорничек задоцни со интервенцијата и направи пенал, а Рудони ја презеде одговорноста и погоди за 1-0. Њукасл имаше можност да возврати пред паузата. Новото засилување Фернандез-Пардо излезе сам пред голманот, успеа да го заобиколи, но потоа лошо ја заврши акцијата и му дозволи на Ковентри да ја зачува предноста. На почетокот на второто полувреме, домаќините зададоа нов удар. Во 48. минута, Шериф ја прифати топката на работ од шеснаесетникот, се намести за удар и прецизно погоди покрај стативата за 2-0, предизвикувајќи големо славје на трибините. Во Њукасл се обидоа да ја променат ситуацијата со неколку измени, внесувајќи ги Дедиќ, Туре и Жоелинтон. Гостите накратко се вратија во натпреварот во 70. минута, кога Свен Ботман испрати силен удар од далечина и ја погоди мрежата за 2-1. Сепак, завршницата целосно му припадна на Ковентри. Лампард ги погоди измените, а влезот на Симс во 78. минута се покажа како полн погодок. Само три минути подоцна, напаѓачот ја искористи грешката на Жоелинтон, кој му ја подари топката на Томас, а тој несебично го проигра Симс за 3-1. Точка на убедливиот триумф стави Емфуни. Тој влезе во игра во 83. минута, а само три минути подоцна ја затресе мрежата по асистенцијата на Дасилва за конечни 4-1 и голема радост на домашните навивачи. По четирите врзани порази, Ковентри сега има две последователни победи и се искачи на 14. место со шест бода, исто колку што има и Манчестер Јунајтед. Њукасл останува на 11. позиција со осум бода. Во следното коло, Њукасл ќе ја пречека Астон Вила, додека Ковентри го очекува гостување кај Тотенхем.