Коридорот 8 е клучен за Брисел и поради критичните минерали, но Македонија сè уште не е активно вклучена во европските цели

Македонија засега не е активно вклучена во исполнувањето на целите од Директивата за критичните минерални суровини на Европската Унија, но Брисел гледа на регионот како на важен играч во синџирот на снабдување, меѓу другото и поради геостратешката положба во поглед на транспортот. Ова произлегува од случувањата околу Министерската конференција во Софија, посветена на Коридорот 8, каде што европската комесарка за проширување Марта Кос ја истакна стратешката положба на Бугарија, Македонија и Албанија за развојот на клучни пан-европски инфраструктури.
Според Кос, тие инфраструктури овозможуваат брз транспорт на стоки низ Европа – од Црното Море до Јадранското Море, па сè до Италија. Таа нагласи дека поврзувањата носат придобивки за сите долж трасата, што ќе биде значајно за економиите на државите. Во тој контекст, еврокомесарката за проширување потенцираше дека Европа на потежок начин научила дека прекумерната зависност нè прави ранливи, бидејќи биле видени уцени во енергетиката, недостиг на критичните суровини или преголемо потпирање на мал број клучни трговски рути, што може да ја ограничи слободата на дејствување.
„Мораме да ги диверзифицираме нашите опции. Токму тоа и го правиме. Затоа работиме на мобилизирање на инвестиции од јавниот и приватниот сектор во вредност до 12 милијарди евра, со цел да ги подобриме патиштата, железниците и пристаништата, да изградиме капацитети и да ги намалиме доцнењата на границите“, истакна Кос на конференцијата во Софија.
Во врска со критичните минерали, дел од суровините по кои трага Европската Унија, а со кои Македонија изобилува, е бакарот. Единствен напреден проект во моментов е инвестицијата за ископ на бакар во Иловица, зад која стои мултинационалната компанија Трафигура. Токму околу овој проект кај нас се отвори сомнеж за спречување на инвестиции, што дополнително ја става во фокус состојбата со критичните минерални суровини во земјата.
Еврокомесарката за проширување претходно во текот на неделата во Брисел го презентираше и планот на Европската комисија за побрзо интегрирање на земјите кандидатки, потенцирајќи дека идните членки можат да ја зајакнат одбранбената подготвеност на Унијата. Во планот се наведува дека преку постоењето на ефикасни власти и почитувањето на заедничките правила, процесот на проширувањето може да го зајакне влијанието на политиките на Унијата во поголем обем.
Според планот, поголемиот Единствен европски пазар, подобриот пристап до критичните суровини како што се ретките метали и подобрените индустриски капацитети создаваат можности за трговја, инвестиции и раст. Посилните енергетски, транспортни и дигитални мрежи ги намалуваат зависностите и ја зголемуваат безбедноста, се наведува во документот на Европската комисија.
Овие пораки доаѓаат во момент кога Коридорот 8 се наметнува како еден од клучните инфраструктурни проекти што треба да ја поврзе Европа со регионот, а критичните минерали, меѓу кои и бакарот, стануваат сè поважен дел од европската стратегија за намалување на зависноста од надворешни извори. Македонија, со своите ресурси и географска положба, се наоѓа во средината на тие два интереси – транспортот и суровините – но засега останува надвор од активната рамка на европските цели за критични минерални суровини.