Конзервативците обединети зад Баденок, но бараат економијата да го замени културниот фронт

Конзервативната партија на Обединетото Кралство изгледа пообединета отколку во изминатите години, но дел од пратениците бараат лидерката Кеми Баденок да се фокусира повеќе на економијата, а помалку на културните војни, доколку сака партијата да си ги врати гласачите. Ова произлегува од анализата на „Гардијан“, објавена по завршувањето на партиската конференција.
Обединувањето делумно доаѓа од заедничкиот непријател – пратениците што ја напуштиле партијата. Роберт Џенрик, некогашниот ривал на Баденок во трката за лидерство, пред една година беше прогнозиран како нејзин наследник, но по успешната конференција тој остана маргинализирана фигура и неколку недели подоцна беше исклучен од партијата. Неговото отсуство, велат сенчести министри, донело олеснување. „Никој не знаеше колку го мразиме Роберт додека не си замина“, изјавил еден член на сенчестиот кабинет. Други биле помалку учтиви: „Роб си замина како да извадив треска“ и „Ми недостига како апсцес на катник“.
Баденок ја води партијата речиси две години – најдолго од времето на Борис Џонсон – и пред конференцијата објави памфлет од 30.000 зборови насловен „Вистинскиот пат“, во кој ги изнесува своите принципи. Пратениците, според текстот, конечно сфатиле дека гласачите не гледаат благонаклоно на брзата смена на лидери – петмина во изминатите осум години. Неволјите на Најџел Фараж, пак, на некои конзервативци им даваат причина за надеж дека неговата партија го достигнала врвот, иако други инсајдери признаваат дека тој сè уште претставува огромна закана.
Делот од партијата загрижен за наклонетоста на Баденок кон десницата смета дека таа мора повеќе да работи за да ги придобие центристичките гласачи. „Нема смисла да и се кажува на Кеми да не прави ништо. Но мора да бидеме внимателни со јазикот“, рекол еден пратеник. Друг додал: „Тоа не е инстинктот на Кеми. Но таа конечно изгледа разбира дека сè мора да биде за економијата. Таму победуваме.“ Според пратениците, Баденок верува дека може да се ослободи од товарот на Лиз Трас и да ги победи „Реформ“ и Лабуристите токму на економско поле, а нејзиниот сенчест канцелар Ендрју Грифит, кој претходно работел во бизнисот, и помага на кредибилитетот на партијата.
Баденок, според анкетите, стои подобро од самата партија, што ја штити од внатрешни критики. Еден советник потсетил дека конзервативците поминуваат подобро кога лидерот е во таква позиција – како Дејвид Камерон и Борис Џонсон – а полошо кога е зад партијата, како Риши Сунак. Таа им порачала на најблиските соработници дека мора да работат „ден по ден“ за да ја вратат партиската среќа. Сепак, речиси две години по нејзиниот избор, конзервативците сè уште стојат полошо во анкетите отколку во 2024 година, кога доживеаја катастрофален пораз на изборите. „Нема да слушнете многу од нас за тоа. Квалитативните работи се добри, но сè уште не се поткрепени со бројки. Мора да добиеме три или четири поени во анкетите. Ако го сториме тоа и добиеме инерција, се враќаме“, изјавил висок соработник.