Концесиите во рударството донесоа двојно повеќе пари во 2025 година, раскинати 53 договори

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека наплатата од концесиски надоместоци во 2025 година надминала 1,2 милијарди денари, што е повеќе од двојно зголемување во однос на претходната година. Според податоците на министерството, вкупната наплата во 2024 година изнесувала околу 561,5 милиони денари, а во 2025 година достигнала околу 1,222 милијарди денари, што претставува зголемување од повеќе од 660 милиони денари, независно од даноците и придонесите што компаниите ги плаќаат по други основи.
Растот на наплатата, како што објаснуваат од министерството, произлегува од повисоките надоместоци, засилените теренски проверки, писмените опомени и поодлучното постапување кон концесионерите што не ги исполнуваат обврските. Со новиот Тарифник, во примена од 1 јануари 2025 година, кај металичните минерални суровини концесискиот надоместок е зголемен од 2 на 4 отсто, а кај мермерот од 1 на 5 отсто. Со овие измени се зголемува финансиската обврска на концесионерите за користењето на природните ресурси, како и придонесот што државата го остварува од нивната експлоатација.
Паралелно со подобрената наплата, министерството постапува и во однос на концесиските договори, при што се евидентирани 53 раскинати концесиски договори. Од министерството нагласуваат дека раскинувањето на договорите и зајакнувањето на инспекцискиот надзор се дел од пристапот во кој концесијата подразбира јасни обврски, а плаќањето надоместок не ги ослободува операторите од исполнување на техничките услови и обврските за заштита на животната средина.
„Со новиот Тарифник, во примена од 1 јануари 2025 година, кај металичните минерални суровини концесискиот надоместок е зголемен од 2% на 4%, а кај мермерот од 1% на 5%. Со овие измени се зголемува финансиската обврска на концесионерите за користењето на природните ресурси, како и придонесот што државата го остварува од нивната експлоатација“, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во 2026 година инспекцискиот капацитет е зајакнат со тројца дополнителни инспектори, што според министерството треба да придонесе за поефикасен надзор во рударството и за доследно исполнување на концесиските обврски.
За долгорочно и системско уредување на секторот е донесена Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини за периодот 2026–2046 година, со експертски придонес од МАНУ. За документот е спроведена стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и јавна расправа. Стратегијата ги поврзува економските цели со заштитата на животната средина и социјалните аспекти, а содржи и акциски план за периодот 2026–2030 година, со што се обезбедува рамка за планирање, спроведување и следење на мерките за развој на секторот.
Од министерството потенцираат дека концесијата подразбира јасни обврски и дека наплатата на надоместокот сама по себе не значи исполнување на техничките услови и обврските за заштита на животната средина, поради што теренските проверки и постапувањето кон несовесните концесионери остануваат дел од пристапот на институцијата.