Комисијата за заштита од дискриминација утврди дискриминација врз слепо лице: институциите му го намалиле надоместот и покрај трајната состојба

Комисијата за заштита од дискриминација утврдила дека е направена директна дискриминација врз основа на попреченост во областа на социјалната сигурност од страна на јавна здравствена установа, откако на граѓанин со целосно оштетување на видот, слеп на двете очи, институциите му го скратиле правото на целосен износ за помош и нега од туѓо лице, иако според специјалистичките наоди неговата здравствена состојба е трајна и непроменлива.
Според наодите на Комисијата, и покрај тоа што слепилото е трајна состојба, институциите со години го праќале лицето на контролни прегледи за да му се продолжува правото на помош и нега. Токму поради тоа, Комисијата препорачува институциите да направат повторна проценка и да ја преиспитаат потребата од натамошни контроли, со цел на лицето да му се даде помош и нега од туѓо лице во целосен износ, како што и го добивало во последните осум години.
Подносителот на пријавата до Комисијата уште во 2018 година остварил право на помош и нега од туѓо лице. Меѓутоа, на преглед во јануари 2026 година, стручна комисија при јавна здравствена установа му издала нов наод, врз основа на кој Центарот за социјална работа донел решение со кое му го скратил правото, односно му признал помош и нега во помал обем. Лицето поднело жалба до второстепениот орган, но жалбата му била одбиена како неоснована.
Кога негата е во поголем обем, месечниот паричен надомест изнесува 6.342 денари, додека надоместот за нега во помал обем е 5.610 денари. Разликата меѓу двете категории е по 732 денари месечно. Така, иако дијагнозата е иста, институциите одлучиле да му исплаќаат помалку пари на лицето.
Во претставката до Комисијата, подносителот укажува дека со ваквата одлука е ставен во понеповолна положба во споредба со други потполно слепи лица. Како директен пример ја наведува својата сопруга, која исто така е потполно слепо лице, но таа веќе 30 години го остварува правото во поголем обем и никогаш не била пратена на контролен преглед.
Тој напишал дека постојаното инсистирање на контролни прегледи, иако тие не можат да покажат ништо ново за неговата состојба, го доживува како вознемирување, малтретирање и понижување, па дури поставува и прашање дали се работи за злоупотреба.
Комисијата за заштита од дискриминација не објавува за која точно јавна здравствена установа станува збор во случајот. Препораката на Комисијата е институциите повторно да ја проценат состојбата на лицето и да ја преиспитаат потребата од натамошни контролни прегледи, со што би му се овозможило да го добива целосниот износ на помош и нега од туѓо лице, како што го добивал во изминатите осум години.