FinPortal.mk

Комисија: Нема лекарска грешка во случајот со родилката од Струмичко, состојбата не е поврзана со спиналната анестезија

FinPortal.mk  · 
Комисија: Нема лекарска грешка во случајот со родилката од Струмичко, состојбата не е поврзана со спиналната анестезија

Петчлена стручна комисија задолжена за надзор над лекувањето на Станка Михајлова од струмичкото село Баница утврди дека нема лекарска грешка и дека нејзината тешко нарушена подвижност по породувањето со царски рез не е последица од примената спинална анестезија. Заклучокот на комисијата беше едногласен, по извршениот надзор над целиот тек на лекувањето.

Комисијата била составена од гинеколог, анестезиолог, невролог, неврохирург и радиолог, а двајца од експертите биле од Србија и Словенија. Според наодите, анестезијата била дадена во долниот дел од ’рбетот, додека промената во ’рбетниот мозок се наоѓала значително повисоко, што исклучува поврзаност меѓу постапката и настанатата состојба.

Комисијата дополнително утврдила дека по породувањето пациентката била отпуштена без невролошки симптоми, кои се појавиле неколку дена подоцна. Според заклучокот, невролошката состојба на Михајлова не е последица ниту на пропуст во лекувањето во Општата болница во Струмица, Клиничката болница во Штип или Клиниката за неврологија во Скопје.

Како најверојатна причина за состојбата, експертите го наведуваат спонтаното крварење од ретка малформација на крвните садови. Сепак, за конечно утврдување на причината е препорачана дополнителна дијагностика, како и продолжување на рехабилитацијата на пациентката.

Случајот претходно предизвика големо внимание во јавноста, откако свекорот на Михајлова, Велибран Стојанов, преку видеа во живо пред здравствените установи во Струмица и Штип побара помош од министерот за здравство Сашо Клековски. Тој јавно говореше за состојбата на снаата и тврдеше дека лекар од струмичката болница му кажал дека таа ќе остане парализирана.

По реакциите, Министерството за здравство најави темелна проверка, а по налог на министерот Државниот санитарен и здравствен инспекторат започна вонреден инспекциски надзор во трите установи каде што Михајлова била лекувана. Стручната комисија сега препорачува дополнителни испитувања и продолжување на рехабилитацијата.